Премиерот на Италија Џузепе Конте денеска поденесе оставка пред италијанскиот Сенат, откако десничарската Лига, предводена од министерот за внатрешни работи Матео Салвини, одлучи да ѝ ја ускрати поддршката на владата. Со тоа Конте го спречи гласањето за доверба на владата, кое се очекуваше денеска, 12 дена откако Салвини, кој е и заменик премиер го побара тоа.
Пред објавувањето на оставката, Конте рече дека одлуката на Салвини има големи последици за земјата и за нејзината економија.
Инаку, во обраќањето во Парламентот, Конте го обвини Салвини дека сопствениот интерес го става пред државниот.
– Одлуката на Салвини (да ја разниша коалицијата) е сериозна и има значителни последици по економскиот и социјалниот живот на земјата, посочи Конте.
Оставката на Конте нема автоматски да предизвика предвремени парламентарни избори. Претседателот Серџо Матарела може да побара од него да се обиде да формира друго мнозинство во парламентот или да најде некој друг лидер кој би можел да формира нова владејачка коалиција, без распишување избори.
Во таа насока лидерот на партијата Лига и министер за внатрешни работи на Италија, Матео Салвини денеска изјави дека е подготвен да ја зачува актуелната владејачка коалиција, која би го одобрила буџетот за 2020 година и би гласала за реформи на Парламентот пред да се организираат вонредни избори.
– Подготвен сум да се откажам од извори извесен период, за да се усвои клучното законодавство. Дали сакате да го намалите бројот на парламентарци и потоа да гласате? Подготвени сме за тоа. Ако тогаш сакате да го претставите храбриот буџет, подготвени сме и за тоа, посочи Салвини во италијанскиот Сенат.
Минатиот викенд, Конте жестоко го нападна Салвини за своите постапки, обвинувајќи го за нелојалност. Се започна кога Салвини одби да дозволи миграциски спасувачки брод да вплови на островот Лампедуза.
Ако не биде можно формирање нова коалиција, Матарела може да го распушти Парламентот и да распише избори, кои најрано може да бидат одржани во октомври.
Партијата Лига на Салвини бара предвремени избори, а тоа го поддржуваат и партијата Напред Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони и крајно десничарската партија Браќа на Италија.
Досегашниот коалиционен партнер на Лига, Движењето пед ѕвездички (M5S), наводно преговара за формирање нова влада со опозициската Демократска партија од левиот центар. Ако тие разговори бидат успешни, Лигата на Салвини може да замине во опозиција, наведува Политико.