Министерот за правда Кренар Лога и директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу денеска на учениците во Општинското основно училиште „26 Јули“ во Општина Шуто Оризари им доделија трајно одземени предмети-разна стока.
Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Небиу појасни дека станува збор за облека, која не завршила во печките на депонијата „Дрисла“, туку им е поделена на учениците.
-Од утре почнуваме повторно и нема да престанеме, ќе имаме повеќе од вкупно 20 основни училишта, каде што ќе доделиме над 14. 000 пакетчиња, што значи дека 14.000 ученици ќе добијат од облеката, која се наоѓа во магацините на Агенцијата за управување со одземен имот, вели Небиу и додаде дека денеска во општината Шуто Оризари над 2.000 ученици добија облека, од Агенцијата.
Министерот за правда Кренар Лога изрази длабоко сочувство до семејствата на убиените Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
-Се мислевме до последен момент дали денеска треба ова да се случи или не, на крај одлучивме да стоиме на датумот, којшто беше договорен однапред заради тоа што немаме објаснување на овие деца, зошто треба да се одложи и уште потешко ќе беше за нив и за нас, да се оди на друг ден. Сочувство до семејствата, до сите граѓани на Македонија и немам збор што повеќе да кажам за настанот, освен што ја чекаме најострата казна да ја добијат сите учесници во настанот, рече Лога.