Пакети со топла облека и храна за бездомни лица во Момин поток

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска го посети Пунктот и прифатилиштето за бездомни лица во Момин поток  и на сите корисници им подари пакет со топла облека и храна. Црвениот крст на град Скопје во соработка со трговскиот центар„City mall“, ги обезбеди пакетите со топла облека: јакна, чорапи, долна облека, ракавици, шалови, како и пакетите со храна наменети за бездомните лица, со цел што полесно да ја поминат ладната зима, а денеска за нив корисниците на Дневниот центар за стари лица подготвија домашни пити и чај.

„Ова прифатилиште ги нуди своите услуги и во ситуации кога температурите надвор се многу високи или ниски со цел, бездомните лица привремено  да се згрижат и да се избегне смртноста кај оваа група граѓани. Доколку за тоа има потреба прифатилиштето е на располагање секоја ноќ, при што се ангажира тим кој функционира 24 часа и е воедно мобилен и спремен да ги преземе бездомниците од местата каде што  се лоцирани. Црвениот крст на град Скопје, со поддршка на Град Скопје и годинава им понуди 24 часовно згрижување на 84 регистрирани бездомнни лица во Прифатилиштето за бездомници во Момин Поток согласно со временските услови и потребите на корисниците. На бездомниците кои се без покрив на главата обезбеден им е топол кревет, бања, облека, храна и напитоци. Во прифатилиштето е обезбедена и поддршка од лекар, психолог и социјален работник. Изготвен е логистички план кој вклучува 40 вработени и волонтери од Црвениот крст на град Скопје коишто ќе бидат дежурни во прифатилиштето. Градот Скопје продолжува да ги финансира активностите на Црвениот крст на град Скопје, за обезбедување услуги на дневно, односно времено згрижување на бездомни лица во Пунктот и Прифатилиштето за бездомници, за што во Буџетот на Град Скопје, за 2013 година се определени 450 илјади денари, а исто толку се предвидени и во Буџетот за 2014 година“, истакна градоначалникот Трајановски.

Пунктот и Прифатилиштето за бездомни лица, лоциран во Момин Поток функционира веќе три години по ред. Пунктот за бездомници е отворен во понеделниците кога бездомниците добиваат хигиенски услуги и секој петок кога добиваат и чисти алишта, берберски услуги, лекарски преглед и неопходни лекарства, разговор и совети од психолог, оброк и топол напиток. Транспортот на корисниците на услуги на пунктот го обезбедува Црвениот крст и тоа од неколку локации во градот и по добиените услуги, бездомниците повторно се враќаат на истата локација.

„Пунктот за бездомници, изминатите пет месеци работеше секој петок и понеделник. Во петоците Пунктот го посетуваа 37 бездомници и беа реализирани во просек 740 посети. Во текот на вторат половина на 2013 година во амбулантата на Пунктопт беа извршени 420 лекарски прегледи. Во најголем број случаи беше реализирана ординарна аналгетска и витаминска терапија, а со помош на тимот на 6 месечно ниво се направени 96 психотераписки средби по кои е регистриран напредок кај 70 отсто од бездомниците на ниво на општа состојба. На 14 лица им се извадени документи за лична идентификација и друга потребна документација за почнување постапка за добивање социјална помош или за остварување друго право од областа на социјалната заштита. Седум лица се веќе целосно ресоцијализирани и сега се во можност сами да заработуваат и да се грижат за себе, а на сите редовни корисници на Пунктот, извадени им се потврди за  добивање храна во народните кујни, како и за користење јавен градски превоз“, рече Сузана Пауновска-Тунева, секретар на Црвениот крст на град Скопје.

 

Бездомниците кои поради здравствената состојба имаат потреба од привремено сместување се згрижуваат во прифатилиштето и таму можат да останат додека не закрепнат. Прифатилиштето за згрижување и привремено прифаќање на лицата бездомници овозможува засолниште, дневен престој со оброк, здравствена заштита, услови за одржување хигиена и други психосоцијални услуги.

 

Во 2010 година, Градот Скопје учествуваше во финансирање на простор наменет за привремено прифаќање и згрижување на лицата бездомници во износ од 1 400 000,00 денари. Поставени се станбени контејнери со вкупна површина од 60 квадратни метри во кои се овозможува преспивање на 16 лица. Просторот е исто така опремен со постелнина, тоалет, кабина за туширање и друго.