Пакистанскиот премиер Шахбаз Шариф им даде на властите 72 часа да ги идентификуваат и уапсат сите вмешани во насилства по акциите на апсење на поранешниот премиер Имран Кан што предизвика смртоносни безредија ширум земјата и најави дека ќе им судат антитарористичките судови.
„Сите расположливи ресурси, вклучително и технолошката помош и разузнавачките податоци, се распоредуваат за да бидат откриени виновниците. Приведувањето на овие лица пред правдата е задача на владата“, порача премиерот Шариф.
Неговиот претходник на должноста Имран Кан ги напушти просториите на судот во петокот доцна ноќта и се упати кон својот роден град Лахоре придружуван од силни безбедносни мерки, откако судот му одобри кауција. Неговото апсење во случај на катастарски измами во вторникот, кој Врховниот суд во четвртокот го прогласи „невалидно и незаконско“, предизвика насилни протести на неговите приврзаници.
Беа запалени воени институции, запалена беше зградата на државната телевизија, демолирани и запалени беа автобуси, ограбена е куќата на восок воен функционер и оштетена е друга државна и приватна сопственост, што доведе до распоредување на војската на улиците во повеќе градови.
Повеќе од 2.000 лица се уапсени, 152 полицајци се повредени а 74 полициски возила се вандализирани и запалени. Полицијата во пакистанската покраина Пенџеб соопшти дека се оштетени 22 владини згради, вклучително и полициски станици и канцеларии
Најмалку осум лица се убиени во насилствата ширум земјата со над 220 милион жители, којашто се соочува со економска криза, рекордна инфлација, анемичен раст и одложено финансирање од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF).
Случајот на корупција во кој е вклучен и Кан е еден од повеќе од 100-те случаи наведувани против Кан откако е соборен од власт, по четиригодишниот мандат, со гласање во парламентот во април минатата 2022 година, за што тој ги обвинува САД поради неговото приближување со Кина.
Во повеќето постапки, доколку биде осуден, на Кан му се заканува и забрана за вршење јавни должности. Тоа би претставувало голем за некогашната ѕвезда на пакистанскиот крикет кој влезе во политиката, имајќи предвид дека за ноември се закажани општи избори. Најпопуларниот пакистански политички челник ги негира обвинувањата за мито кои му се ставаат на товар.
Мандатот на Кан меѓу 2018 и 2022 година беше поткопан од економскиот пад, а критичарите го обвинуваа за големо ограничување на медиумите и произволни апсења на политичките противници. Меѓутоа, неговата популарност повторно порасна последниот период.
Ланскиот април пакистанскиот парламент го избра 70-годишниот Шебаз Шариф, помладиот брат на поранешниот премиер во три мандата Наваз Шариф. Според политичките коментатори, Шабаз за разлика од Навиз Шариф ужива пријателски односи со влијателниот воен врв, кој традиционално ја контролира надворешната и одбранбената политија на оваа јужноазиска земја која поседува нуклеарно оружје. Шариф постојано истакнува дека дека добрите односи со САД се клучни за Пакистан, што е во спротивност со антагонистичкиот однос со Вашингтон кој го имаше Кан.