Паламудење

Збирка од фрустрициско-простатски, девијатно-аморфни ставови

Кеш

Избори добива не оној  кој го гласа народот, туку оној кој најмногу ќе фрли кеш. Ако почнете се’ повеќе да гледате на банкнотите дизајн на барок, рококо или фацата на Бенџамин Франклин, знајте дека тој е винерот. Мора ли да биде така? Не, ама и ние народ сме ситни ем евтини ороспивчиња, па лесно поминуваме (го даваме асинусот- lat.) и со Абрахам Линклон или аквадукт на книжната. Барем скупо да им го наплатевме нашиот глас… барем… вака само од злоба и инат контра едни против други без заедничка цел се трвиме? Ах, уста полна правдина, а во суштина…? Пошто сме си такви, останува да преживуваме секојдневни трауми наречени проверка на исплатени рати на транзакциска сметка кој ја залечуваме со сендвичи.

Милион

Секогаш ми бил асоцијација на онаа гнусна, газирана, заблажена, смедеревка што се нарекува шампањ од мојата младост, со мешани чувства, главоболка после конзумираањето, но радост дека и таа до тебе исто се оплескала и сте „грешеле душа“ цела ноќ со две паузи за риголето. Туку читам монтипајотоновска керефека дека ќе сме узвеле миљон црнци. Жените со микс филинг, а ние мужи со „кинг сајз“ некако голтаме кнедли и се мислиме за идење туџина, Тајван, Филипини… кој знае, знае зошто. Туку „враг однио шалу“… пријател мој, сопственик на ресторан, бил во агенција во Бугарија за ангажирање кинески готвачи затоа што нашите, кои ги плаќал од 800 до 1000 евра, скоро сите си заминуваат одовде (од Хрватска нагоре). Кинезот пак за тие пари (од проверени извори) работи цел ден, спие во минимални услови и барањата му се минорни за било што друго. Запомнете, празен простор не останува, ако ти си заминеш, некој друг ќе пополни.

Закон

Гледам шокови и неверување, трауми ем стресови се донел закон на нерегуларен начин… сакам да го натерам демократот во мене да се побуни, да се развика гневно, да осуди, покаже со прст и да има такви кои не се како мене и нивната плима трае пар саати на ФБ, која спласнува обратно порпорцинално со изјавите на амбасадорите, ем најмилите амабасадорки кои ги поздравуваат одлуките. Добро, не било почитувана процедурата, ама ние мораме да сфатиме дека е тоа за општо добро, оти еве, само што не ни тргнало на подобро, секуда, само да помине уште ова и ќе биде се’ добро и земјата ќе тргне напреТ! Дечки, се научивме да си бидеме странски лакеи, оти со пар милиона овде се добиваат избори не па со 5-6, така што со ситна боранија не’ купија и не, нема да биде подобро, зошто би, од нас очигледно не зависи, ние сме спремни кучата да изгори само да не му попуштиме на комшијата. Ние не донесуваме закон, тоа си против оној кој владее со вој простор, а не оној кој е извршител. И ние се буниме против извршителот? Нели треба спрема оној кој го дал налогот?

Биче боље-неко вичеее..“ – Р.Чорба

Памтам истиов муабет и на часови по марксизам ги имавме, каде ни викаа, еве, во социјализам сме, секако дека има маани, но да се стрпиме уште малку и во комунизмот ќе биде одлично! Перфектно! Денес комунизмот го заменивме со Брисел. Згора, сите наши економисти не мрднале од лениовата економска теорија каде не убедуваа дека имперјализмот е последен стадиум на капитализмот и готово е со него. Нејсе, Ленин мртов исто ко и социјалистичкиот му комунизам али нека се радуваат дебели тетки на српот и чеканот, што друго да прават. Инаку у војска го јадев стапот, политички, оти слушав Булдожер, кои во ЈНА биле прогласени за антидржавни… заради песната „Ново Ново Ново вријеме, исто срање!“.

Подуеност или чалам?

Туку доаѓа време на епидемија, на правење нови партии, оние политички паразити, пардон фактори, кои со децении се провлекуваат низ парлементраниот платен систем наречени човек-партија, кои ни роднините не ги гласаат, почнуваат да вадат сурличињата шмукачки да се пришљамчат и зацицаат некој слон или говедо, во политичка смисла. Проблемот е што и големите радо ги примаат оти за жал кај нашево просто гласачко тело поминува кога на маса ќе седнат 33 души, каде лидерот на партијата е опкружен со политички деривати кои имаат членство вкупно помалку одошто присутни на пресот. Ама така делувало, моќно, сплотено, дека сме обдинети и силни… такво чувство на исполнетост имам секогаш пред утринскиот јутроклек, и кога ќе се „истоварам“ се прашувам како воопшто вакви срања да имам во себе, какво осленување е кога ќе се откачиш од нив, полетен си, трчаш полесно, мислата е побистра… ама некој го убедил дека жените поише поштуеле мужи со подуени стомаци. Ех…

Парламентот се распушти

Се надевам дека во новиот ќе читам повеќе имиња за кои прв пат сум слушнал. Секако дека треба да има некој „Меси“ како капитен и да ја води копиљаната, но не можеш геријатрија да тераш. Ако има максимален мандат за престедател на држава, треба и за пратеник, толку!

Автор: Јанко Илковски за НетПрес