Палестинците го обновија барањето за полноправно членство во ОН

Палестинската самоуправа повторно побара да стане полноправна членка на Обединетите нации, се вели во писмото испратено до генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш во вторникот.

„Денес, државата Палестина, како што е наложено од палестинското раководство, испрати писмо до (генералниот секретар) во кое бара повторно разгледување на (нашата) апликација за членство“, се вели во соопштението објавено во вторникот на Палестинската постојана набљудувачка мисија во ОН на платформата за социјални медиуми Х.

Објавато вклучува писмо, потпишано од палестинскиот амбасадор во ОН, Ријад Мансур, во кое се повикува палестинското барање за полноправно членство од 2011 година да биде повторно доставено до Советот за безбедност во април. Палестинската самоуправа поднесе барање за полноправно членство во ОН во септември 2011 година, но не успеа да ги добие деветте неопходни гласови потребни за одобрување во моќниот Совет за безбедност во кој има 15 земји. САД, вообичаено кога станува збор за Израел, се заканија дека ќе стават вето на барањето.

САД и другите западни сили предупредија дека признавањето на палестинската држава од ОН ќе ги поништи претходните договори за поддршка на преговорите меѓу Израел и Палестинците за формирање палестинска држава која ќе живее во мир заедно со Израел, а чиешто постоење е прдвидено уште со актите на светската организација при формирањето на Државата Изрел во 1948 година.

Во 2012 година, Генералното собрание на ОН гласаше со 138 „за“, наспроти 9 „против“ и 41 воздржан, за да ѝ се додели на Палестина „статус на земја-набљудувач не-членка“ и покрај противењето на САД, кои во ова тело немаат право на вето. Палестина досега ја признаа 139 земји-членки на ОН, од вкупно 193 членки.

Во заедничката декларација во ноември, Европската унија и арапските држави изјавија дека единственото можно решение за конфликтот е со две меѓусебно признати соседни држави. Израел го отфрла тоа решение и продолжува со окупацијата на Западниот брег и опсадата на Појасот Газа.

Минатиот месец Шпанија објави дека се договорила со Малта, Ирска и Словенија да ги преземе првите чекори кон признавање на палестинската државност во окупираниот од Израел во 1967 година Западен брег (на реката Јордан), вклучително и источен Ерусалим, и Појасот Газа. На 22-ри март, шпанскиот премиер Педро Санчез разговараше во Брисел со премиерите на Ирска, Словенија и Малта, кои најавија признавање на Палестина „кога ќе се создадат соодветни околности“.

Во вторникот Санчез им рече на новинарите дека Шпанија ќе ја признае независноста на Палестина до јули годинава и дека наскоро може да се создаде „критична маса“ во рамките на Европската унија, така што и другите земји ќе го сторат истото, пренесе шпанската новинска агенција EFE. Шпанија со месеци ја промовираше идејата за одржување меѓународна мировна конференција, а Санчез претходно го понуди Мадрид како седиште на таа конференција.