Палестинците се надеваат дека посетата на Блинкен ќе доведе до прекин на огнот

Палестинците во Газа во понеделникот изјавија дека се надеваат дека посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на регионот конечно ќе доведе до прекин на огнот за да се спречи израелски напад врз Рафах на југот на палестинската енклава, последното засолниште на стотиците илјади палестински бегалци.

Антони Блинкен е на пат кон Блискиот исток, првпат откако Вашингтон се согласи на предлогот со израелски придонес за првиот продолжен прекин на огнот. Предлогот, кој минатата седмица беше доставен до Хамас од катарските и египетските посредници, сè уште чека одговор од радикалното движење, кое бара поголеми гаранции дека ќе се стави крај на војната во Појасот Газа, која трае веќе четири месеци.

Вашингтон се обидува да спречи натамошна ескалација на друго место во регионот, по двата дена американски воздушни напади против, како што Вашингтон ги квалификува – проирански вооружени групи на Блискиот исток.

Во меѓувреме, Израел продолжува со офанзивата и се заканува со нов копнеен напад врз Рафах, мал град во кој се засолниле повеќе од половина од 2,4 милиони од жителите на Појасот Газа.

Предлогот за прекин на огнот, според извори блиски до преговорите, предвидува прекин на борбените дејствија за најмалку 40 дена, а милитантите треба да ги ослободат преостанатите 253 заложници што ги земаа во ненадејниот брутален нападот во јужен Израел на 7-ми октомври. Исто така, предвидува испорака на хуманитарна помош за ублажување на хуманитарната криза и враќање на бегалците во нивните домови. Првиот прекин на огнот траеше една седмица.

„Сакаме војната да престане и сакаме да си одиме дома, тоа е сè што сакаме во моментот“, рекол за Reuters 35-годишниот Јамен Хамад, татко на четири деца, преку апликација за пораки, јавувајќи се до училиштето на Обединетите нации во Деир ал-Балаху, во централниот дел на Појасот Газа. Тоа е една од ретките области каде што израелските тенкови сѐ уште не влегле и сега е преполна со десетици илјади бегалци.

„Цело време слушаме вести на малите радија и следиме интернет барајќи надеж. Се надеваме дека Блинкен ќе му каже на Нетанјаху дека е доволно и се надеваме дека нашите фракции ќе донесат одлука што е во најдобар интерес за нашиот луѓе“, додал Хамад.

Во последните две седмици израелски тенкови напредуваат во Кан Јунис, најважниот град на југот на енклавата, каде што се засолниле стотици илјади бегалци. Борбите беснеат и во градот Газа на северот од енклавата, во областите што Израел тврди дека ја ставил под контрола во првите два месеца од војната.

Израелската армија во понеделникот објави дека нејзините сили убиле десетици Палестинци во борбите во северниот, центарот и јужниот дел на Газа во последните 24 часа. Палестинците изјавија дека се водат тешки борби во градот Газа, особено во западните делови покрај морето кои се бомбардирани од израелски бродови.

Палестинските здравствени власти соопштија дека ги пронашле телата на 14 лица убиени во нападот врз Кан Јунис во текот на ноќта. Изминативе денови посочуваат дека спасувачите не можат да дојдат до многубројните загинати и ранети во тој град. Според палестинските власти, во израелската офанзива досега загинале повеќе од 27.000 Палестинци, а се стравува дека уште илјадници се мртви под урнатините. Израел објави дека убил 10.000 милитанти и изгубил 226 војници, само од почетокот на копнената офанзива на 27-ми октомври. Во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, загинаа 1.200 луѓе, од кои 312 припадници на израелската војска и другите сродни безбедносни вооружени формации.

Откако Израел минатата седмица објави дека подготвува копнена офанзива на Рафах, меѓународните хуманитарни агенции и ОН предупредија дека стравуваат од хуманитарна катастрофа бидејќи бегалците немаат каде да побегнат. Палестинците стравуваат дека засекогаш ќе бидат протерани од енклавата во соседен Египет, кој не токму поради тоа не сака да ги прими.

Израелски официјален претставник изјави дека војската ќе се координира со Египет и ќе бара начини да ги евакуира повеќето бегалци на северот, пред нападот на Рафах. Прекинот на огнот би го спречил тоа. Нетанјаху нагласува дека сака „тотална победа“ и дека секоја пауза во борбите би била привремена сѐ додека борците на Хамас се на слобода.

Хамас не сака да се согласи на прекин на огнот или да ги ослободи заложниците додека не добие гаранции дека Израел ќе се повлече и ќе стави крај на војната. Водачот на Хамас во егзил, Исмаил Ханија минатата седмица рече дека ќе отпатува во Каиро за да го достави својот одговор на предлогот за прекин на огнот, но тој сè уште не го сторил тоа и Хамас не кажа кога.

Палестински функционер запознаен со разговорите изјави за Reuters дека Хамас ќе одговори „наскоро“, но дека останува на Блинкен да го притисне Нетанјаху да направи отстапки за да се постигне договор за прекин на огнот.

„Нетанјаху не сака да ја заврши војната. Тој сака договор за ослободување на заложниците. Тоа е многу помалку од она на што ќе се согласат нашите луѓе“, рекол функционерот во интервјуто за апликацијата за пораки.

„Хамас, Исламскиот џихад и другите фракции сакаат гаранции дека окупаторот ќе вети дека ќе стави крај на војната во Појасот Газа и ќе ги повлече своите сили од таму. Тоа се клучни барања. Американците можат да го зауздаат ​​Нетанјаху ако сакаат да ја завршат војната и успешно да посредуваат“, додал соговорникот на Reuters.