Палестинец убиен во судир на Западниот брег

Дваесетгодишен Палестинец е убиен во четвртокот во судир со израелската војска во Беит Омар, близу градот Хеброн, во палестинската енклава Западниот брег на реката Јордан, која меѓународната заедница ја смета за окупирана територија по војната 1967 година, соопшти министерството за здравство на Палестинската самоуправа.

„Шавкат Калид Авад, на 20 години, почина по ранувањето во главата и во стомакот“, се наведува во соопштението на министерството.

Судирот меѓу израелските војници и Палестинците избувнал во текот на погребувањето на 12-годишно палестинско момченце убиено ден претходно, извести репортерот на AFP од местото на настанот.

Инаку судирите меѓу палестинските демонстранти и израелските безбедносни сили во Беит Омар траат веќе со седмици.

Во средата 12-годишниот Мохамад ал-Алами смртно беше ранет откако израелските сили отворија оган додека се возел во автомобил со неговиот татко во Беит Омар, соопштија палестинските власти. По погребот во четвртокот, стотици Палестинци со камења ги гаѓале израелските војници кои возвратиле со солзавец, јави репорерот на AFP.

Во саботата во болница умре 17-годишен Палестинец откако ден претходно беше ранет во судир со израелските војници во протестите против израелското населеување во населбата Беита, близу градот Наблус, исто така, на Западниот брег.

Западниот брег во најголемиот дел од меѓународната заедница се смета за палестинска територија која Израел ја окупирал во текот на ткн „Шестдневна војна“ од 1967 година, и сите еврејски населби изградени таму се сметаат за незаконски според меѓународното право.