Палестинец убиен во судирите со израелската војска на Западниот брег

Израелските војници во петокот смртно застрелале Палестинец во текот на судирите во палестинската енклава Западниот брег (на реката Јордан), која меѓународната заедница ја смета за окупирана палестинска територија во војната од 1967 година.

Тензиите во енклавата и натаму се големи и покрај примирјето постигнато минатата седмица меѓу Израел и исламистичкото движење Хамас, кое од 2007 година ја контролира другата палестинска енклава Појасот Газа, со кое беа завршени 11-дневните судири.

Неколку стотици Палестинци се собрале во близина на Наблус, на северот на Западниот брег, на протест против подигнувањето нови населби за палестинските доселеници. Дел од нив, чии лица биле прекриени со маски и марами, фрлале камења врз војниците и палеле автомобилски гуми за да го попречат нивниот видик, пренесува Reuters.

Израелската војска соопшти за „насилни немири“ во кои Палстинците палат огнови и гуми и фрлаат камења врз безбедносните сили кои одговараат со „мерки за задушување немири“.

„Свесни сме за извештајот за убен Палестинец. Причината за неговите повреди и натаму е непозната. Инцидентот се истражува“, изјави портпаролката на изралеската војска.