![palestina zatvorenici](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/palestina-zatvorenici-1.jpeg?resize=696%2C404&ssl=1)
Палестинските власти во понеделник ја обвинија израелската армија дека уапсила околу стотина жители на Газа чии идентитети не се познати, каде се и за што се обвинети.
„Израел не кажа колку луѓе уапси за време на своите операции во Газа“, рече Кадура Фарес, шеф на Комисијата за затвореници. „Се плашиме дека се убиени откако беа уапсени и испрашани“, додаде тој.
Според израелски извори, има 105 уапсени, но ништо друго не се знае за нив, додава Фарес.
Израелската армија одговори на барање за коментар од AFP дека „во оваа фаза не може да коментира за ова прашање“.
За седумте седмици војна и четирите дена прекин на огнот, израелските сили уапсија луѓе кои се движеа кон јужниот дел на Појасот Газа по патот Салахедин. Тоа е единствениот пат по кој им е дозволено да патуваат, според Обединетите нации.
Палестинците ги известиле ОН дека израелската армија поставила контролен пункт на патот опремен со камери за препознавање лица, управувани од далечина од војници. Како што наведуваат од ОН, таму биле разделени семејства и најмалку едно дете морало да премине само откако неговиот татко бил уапсен на тој контролен пункт.
Црвената полумесечина во понеделникот објави дека еден од нивните вработени, Рамадан Хосу, од Џабалија, северно од Појасот Газа, бил уапсен на патот кон југ. Сахар Авад, палестинска бегалка, изјавила дека нејзиниот син Мухамед бил уапсен на јужниот излез од градот Газа на 12 ноември. Тој бил ослободен по девет дена, но бил измачуван, додала.