Полска и Словачка забележаа во петокот рекордни бројки на новозаразените со коронавирусот, Чешка вторпат по ред највисок број зарази од почетокот на епидемијата, а Русија со повеќе од 7.000 дневни случаи повторно е на нивото од јуни, во перидот кога епидемијата се шири во централна и источна Европа.
Полска во петокот потврди 1.587 нови случаи на коронаинфекција, што е најголем број од почетокот на епидемијата во земјата, Најголем пораст е забележан во централна Полска со 295 случаи. Во земјата со 38 милиони жители досега се регистрирани 84.396 случаи на заразата и 2.392 починати.
Полското министерство објави во петокот дека обезбедило 96 респиратори и 1.995 болнички кревети за пациентите со Covid-19. Во последните 24 часа биле тестирани 24.200 примероци.
Полска бележи пораст откако во мај ги попушти рестриктивните мерки. Во почетокот успешно го контролираше ширењето на заразата, но бројот на случаите се зголеми во текот на летните одмори и традиционалната сезона на венчавки.
Словачка, исто така, забележала 419 зарази со коронавирус, објави премиерот Игор Матович во петокот. Словачка ја има најниската стапка на смртност од коронавирусот во Европа, но веќе трет ден по ред бележи рекорден раст на заразените.
Соседна Чешка во последните 24 часа забележала 2.913 случаи, што е втор најголем број на заразите од појавата на коронавирусот, покажуваат модатоците на министерството за здравство. Чешка, која има над 10 милиони жители, вкупно регистрирала 58.374 случаи на заразата и 567 смртни исходи.
Русија во петокот забележа 7.212 нови случаи на коронавирусот и сега е повторно на нивото од 23-ти јуни. Во оваа земја вкупно се заразени 1.136.048 лица од појавата на епидемијата. Во последните 24 часа починале 108 лица, со што вкупниот број смртни исходи од Covid-19 се зголеми на 20.056. Во главниот град Москва, која е најгусто населено место во земјата, забележани се 1.560 нови зарази, 510 повеќе од ден претходно.