Македонските фудбалери пристигнаа во Скопје, по слетувањето на аеродромот во Петровец, Горан Пандев веднаш беше запрашан што мисли за назначувањето на нов селектор.
Пандев смета дека ФФМ требаше да го задржи Игор Ангеловски за селектор на Македонија до крајот на квалификациите за СП.
– Луѓето од федерацијата треба да одлучат дали Ангеловски ќе продолжи или не да биде селектор. Синоќа уште натпреварот не беше завршен, а некои портали излегоа со информации дека имаме нов селектор. Јас мислам дека Ангеловски требаше да го заврши и цуклусот за Светско првенство, но знаете кај нас како функционираат работите – изјави Пандев.
– Жал ми е што не освоивме барем еден бод, бевме многу блиску, но и далеку. Знаевме дека овие натпревари се тешки за играње. Ново искуство, првпат на ЕП, многу емоции, луѓето во Македонија сите живееа со нас, сакавме да ги израдуваме, но жал ми е, се надевам дека оваа генерација ќе има уште многу успеси – додаде Пандев.
Договорот на Пандев со Џенова е истечен, тој се уште нема одлучено дали ќе продолжи да игра уште една сезона или ќе замине во пензија.
– Немам договор, прво ќе се одморам со фамилијата, па ќе видам дали ќе продолжам да играм фудбал. Немам амбиција да бидам тренер засега, би можел да бидам спортски директор или ќе работам со моите менаџери во Италија – рече Пандев.