Александар Пандов, претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, денеска гостуваше во емисијата посветена на пет годишнината од 27-ми април за кој се изрекоа драконски казни на луѓето учесници во толпата која влезе во Собранието.
Рече дека денеска, на протестот кој се одржа пред затворот во Прилеп за слобода на затворените поднеле декларација со која се бара фер судење, бидејќи вистината на сите, пет години подоцна им е повеќе од јасна.
„Им беа потребни луѓе кои ќе ги жртвуваат, луѓе преку кои преку такви судски процеси ќе внесат страв кај македонскиот граѓанин за да можат на полесен начин да ги спроведат оние срамни договори од Нивици и софискиот договор, да нема подоцна реакции кај луѓето, да се плашат, да кажат едноставно ако за ваква работа се добива 15 или 18 години затвор, тогаш подобро дома да седам. И седеа дома изминатите години луѓето и сите национални предавства што ги направи Зоран Заев и СДСМ. Она што ние го баравме, еве и денеска и претходно што сме го барале и секој верувам чесен Македонец што си ја сака Македонија, чувствува должност, морална обврска да го крене својот глас и да се побуни против злосторот кој што им се прави на овие луѓе“, рече Пандов.
Додаде дека казната е преголема бидејќи толку ниту за убиство не се лежи и дека тие луѓе немаа физичко насилство внатре во Собранието. Тој не го негира насилството кое се случи но рече дека за тоа веќе си ја одлежале казната. Рече дека ова е политички процес и пресуда со една цел, а тоа е да се внесе страв меѓу народот.
„Бараме од Врховниот суд и без политички притисок, веруваме во чесноста на тие врховни судии бидејќи тоа е највисокиот суд во било која држава, чесно да донесат одлука, односно да ги поништат одлуките на Основен Скопје и Апелација и да го вратат судењето на почеток. Тоа го бараат и луѓето внатре, тие не бараат помилување, не бараат милостина, тие бараат чесно да бидат судени и да се докаже“, додаде Пандов.