Панел дискусија за политичкото рекламирање и интегритетот на изборите

Во организација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) денес се одржа панел дискусијата „Политичкото рекламирање и интегритетот на изборите“. Целта на настанот беше да се поттикне меѓу-институционален дијалог за предизвиците на изборниот интегритет во однос на политичкото рекламирање.
На отворањето на настанот се обратија директорот на АВМУ, д-р Зоран Трајчевски и Јоана Косма, директорка на ИФЕС во РСМ. Исто така на настанот земаа учество повеќе засегнати страни кои дискутираа за различните аспекти на медиумското опкружување за време на изборите.
Претставници на АВМУ, Државниот завод за ревизија, Државната изборна комисија и Државната комисија за спречување на корупција дискутираа за предизвиците во правната рамка за платено политичко рекламирање, искуствата од претходните изборни процеси и факторите кои влијаат на поткопување на транспарентноста на политичкото рекламирање.
Во делот посветен на политичкото рекламирање во новите законодавни иницијативи на Европската Унија, претставниците на европските регулаторни тела за медиуми од Италија и Словачка, споделија информации за правилата за регулирање на политичкото рекламирање во зајакнатиот кодекс против дезинформации од 2022 година и регулативата за транспарентност и таргетирање на политичкото рекламирање.