Панова: МВР со неосновани казни за луѓето кои го блокираа патот Струмица-Радовиш, нема да го заплаши народот

-Десетици граѓани кои го блокираа патниот правец Струмица-Радовиш се мета на заплашување од страна на МВР. Тие веќе следниот ден по протестот добија прекршочни казни од 50 евра за движење по пат и 35 евра за паркирано возило, изјави денеска пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова.

Таа посочи дека тие ниту се движеле по пат, ниту паркирале возило непрописно, туку мирно во времетраење од 1 час го изразија својот револт, протестираа против предлогот на власта за бугаризација и го блокираа патниот правец Струмица – Радовиш.

-За прогонот да биде уште поочигледен, МВР пишале казни и на граѓани кои воопшто не биле дел од протестот за истиот случај. Од ова јасно се гледа дека казните се пишувани по однапред даден список и целта е заплашување на народот да не протестира и да не си ја брани државата. Казните за луѓето кои го блокираа патот Струмица-Радовиш се неосновани и против Уставното право на протест. Власта точно го знае ова, и затоа казните се основаат на прекршокот паркирано возило резервиран за сообраќај на моторни возила или движење по пат резервиран за сообраќај на моторни возила. Луѓето кои го блокирале патниот правец Струмица-Радовиш ниту се движеле непрописно, ниту паркирале непрописно, тие протестирале и го остварувале своето право на протест, загарантирано со чл. 21 од Уставот, нагласи Панова.

Додаде дека граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба, гласи членот 21 од Уставот кој власта го прекрши.

-ВМРО-ДПМНЕ со свои правни тимови ќе им помогне на сите кои добија прекршочни казни, а ваквиот притисок врз граѓаните кои протестираат ќе остане забележан како притисок и заплашување на власта од политички побуди и за истиот ќе има одговорност. Ниту еден притисок, ниту една казна нема да го сопре народот во неговата искрена намера да се спротивстави на оваа ненародна власт. Затоа протестите продолжуваат, гласно да кажеме Ултиматум, НЕ благодарам и вечер во 19 часот пред владата, нагласи таа.