Професорот Никола Пановски денеска објави на својот профил на Фејсбук приказ за лекување на пациент со ковид-19 во еден град во внатрешноста и што сѐ му било пропишано на еден пациент.
„По непроспиена ноќ и консултација со пет колеги, кои ги почитувам, а се активни во борбата против ковид-19, и нивниот одговор 4:1, дека треба да објавам приказ на случај на пациент, не го знам, воден од интернист и него не го знам (резултатите се со избришани имиња и ЕМБГ, ги имаат петте колеги и министерот Филипче, не би ги објавувал оригинално, сепак):
Пациентот е со ЦРП 1,5, леукоцити 3,5, и сѐ друго е во нормала освен покачени д димери 850. РТГ – понагласена бронхијален цртеж долу десно.
Терапија: панцеф 10 дена, сумамед 6 дена, моксирал 10 дена, тоа од антибиотици, друго: ампули Nevaxon, Aminophyllinum, Novalgetol, Urbason, Famotidin, Clexan, се тоа да се прима два пати на ден, инфузија NaCl, и уште 3 суплементи во таблети.
Пациентот ги купил сите лекови за 7.000 денари, за среќа налетал на мои совесни колеги кои го пратиле на друг интернист и избегнато е „труење со медикаменти“. Се работи за регион во Македонија каде смртноста од ковид е три пати повиска од просекот кај нас, а ова била стандардна терапија. Како стручен за антибиотици нагласувам: „сумамед“ се пие 3 дена, никогаш не се комбинира со „моксирал“, спектарот им се преклопува, а инаку во случајов нема индикации за антибиотик, нема пневмонија. За другите лекови нема да коментирам, само не ги разбирам зошто се дадени освен клексанот.
Primum non nocere – пред сѐ, не прави штета.
Порака до Министерството за здравство, Лекарската комора на Македонија, МЛД, Ве молам под итно преведете протоколи за ковид-19 и објавете ги!!! Хрватските се ок. Ова лудило мора да престане. Едуцираните и совесни матични лекари и оние од секундарното ниво на здравствена заштита се под невиден притисок од пациентите да се приклучат кон ова лудило и епидемија од полипрагмазија (неоправдана и непотребна истовремена употреба на повеќе лекови н.з.). Штетата е огромна во секој поглед, па и во смисла на смртноста. Волку лекови одеднаш ни здрав атлета не би издржал.“