Пападимулис бара да се почнат преговори со Македонија и Албанија

Потпретседателот на Европскиот парламент Димитриос Пападимулис денеска побара од Европскиот совет да ги почне преговорите со Северна Македонија и Албанија, истакнувајќи дека овој позитивен моментум во регионот не смее да се испушти.

– Владата на Северна Македонија докажа дека е посветена на ЕУ и ја покажа својата храброст да напредува во важните реформи. Со години истакнувавте дека секоја земја треба да оди напред врз основа на сопствените заслуги. Така докажете ја вашата стратегија и не го поврзувајте процесот на европска интеграција на една држава со процесот за друга држава – рече Пападимулис обракајќи се на Европскиот совет да поддржи почеток на преговори со земјава.

Тој повтори дека следнниот период е многу важен за регионот, бидејќи одлуката за почеток на преговори во голема мера ќе ја дефинира иднината на целиот регион.

– Тоа ќе биде одлука со која ЕУ ќе го спроведе нејзиниот кредибилитет и ќе го искористи моментот особено по склучувањето на историскиот Преспански договор со цел да ги ангажира државите во градење, добри соседски односи и во воведување демократски реформи. Ова е шанса што не смее да се пропушти – додаде Пападимулис.

Истакна дека доколку се пропуштат овие можности ќе треба да се плати висока цена за регионалната и за европската стабилност.

– Играњето политички игри со чувствителни прашања е голема грешка на Балканот. Национализмот и популизмот, како и иредентистичките идеи можеби се добра алатка за победа на избори, но тоа е гангрена што останува во душата и телото на нашите општества долго време – порача потпретседателот на Европскиот парламент.