Паразитирање

Секако дека истрагата за тоа како се трошени парите на американскит даночни обврзници преку програмите на УСАИД низ светот, а посебно во Македонија, ќе ја дадат вистинската слика за делувањето на невладиниот сектор во преломните моменти на градењето македонска држава. Ова е добра можност да се разголи нивната улога како вистински граѓански сектор посветен на демократизација на македонското општество, или ќе ги маркира како марионети на странско мешање во внатрешните работи на државата. Дотогаш менталните слуги од т.н. граѓанскиот сектор нека поседат дома да не одморат од нивниот активизам.

Не гледам причина за толкава паника по извршната наредба на Американскиот претседател Трамп, за деведесетдневна пауза на целата странска помош, за да се процени „програмската ефикасност и доследност со надворешната политика на Соединетите држави“. Сега само треба да чекаме да видиме какви се „радикални лудаци“ ја воделе УСАИД и колку оваа организација е „вистински криминална организација“ како што ја окарактеризира Илон Маск, за вистински да ја согледаме штетата што невладиниот сектор ја има направено во регионов, а посебно во Македонија. Дали откако САД ќе го „искорени отпадот“, ние ќе го искорениме нашиот? Индустријата за странска помош оддамна престана да биде способна да ја исполни својата историска улога за промовирање на правата, одбрана на демократијата и владеењето на правото. Изобличувачките и дестабилизирачките аспекти на странското финансирање на граѓанското општество и политиката на земјите во развој се реалност. На крајот се’ се сведува на пари и моќ. А, парите се најчистиот дестилат на моќта. Ги става работите во движење, невидливо, особено во невладиниот сектор. Без пари НВО секторот влегува во големо непознато и се појавуваат апокалиптични визии за нивната иднина.

Секако дека македонскиот невладин сектор треба да биде сериозно загрижен за својата иднина, зашто оддамна не е тоа за што се претставува. Потроши милиони не правејќи никаква конструктивна разлика во општеството. Преземајќи ја контролата врз невладините и граѓански организации во Македонија, „неокомунистите“ го користеа невладиното организирање за граѓанско мобилизирање во остварување на своите политички цели. Поточно, го претворија во цивилен клон на социјал демократската партија секогаш кога беше во опозиција, дизајниран да ја зеведе и збуни јавноста и подготвен да дејствува на нетрадиционален начин во одржување и, по потреба, во рушење на власта која не беше по мерак на „нео комунистите. Граѓанските иницијативи на НВО секторот го засадија семето на шарената револуција во Македонија, функционирајќи во синергија со политиката, за да по рушење на власта ваквото движење се пасивизира, префрлајќи се во режим на работа кој продолжи со обука на активисти за одржување на статус кво, цензурирање на критичката мисла и амортизирање на лошите политики на новата октроирана власт. Сега кога Трамп го направи видливо дејствувањето на УСАИД во Македонија, се демаскира митот за улогата на невладиното организирање во шарената револуција, не како импровизирана изведба оркестрирана од поединци и самоорганизирани групи во општеството, туку како намерен политички чин. На тој начин се разобличија „граѓанските платеници“, за кои еден еден критичар на нивната работа ќе изјави: „конечно можеме да ги видиме паразитите на демократијата“.

Веќе нема дилема дека македонската шарена револуција беше поттикната и обликувана од сојузот меѓу групите на граѓанското општество и опозициските партии, концентрирани околу рушење на власта по секоја цена. Тоа беше демонстрација на моќта на граѓанското општество, поттикната од странски фондови. Алчни за пари ваквите „граѓански активисти“ се покажаа како лесно расиплив човечки материјал кој е спремен на се, па и на продавање на сопствената држава, да продолжи комотно да паразитира во системот, менувајќи ја неговата вредносна матрица по желба на своите дарежливи донатори. Затоа не гледам потреба повеќе да се кријат зад граѓанскиот активизам. Можеби сега е вистинскиот момент новата власт да размисли за законодавство за одбрана на демократијата, со кое би се воспоставиле „усогласени барања за транспарентност во застапувањето на интересите што се спроведуваат во име на трети земји, како и за промовирање на ангажманот на граѓаните и граѓанските организации во креирањето јавни политики“. За таа цел власта може да се повика на нацрт директивата на Европската комисија која бара од невладините организации (НВО) во земјите на ЕУ да се регистрираат доколку спроведуваат „застапување на интерес“ преку финансирање од трети земји, да објават информации за нивното финансирање и активности и водат евиденција за споменатите активности под закана од казна и санкции. Всушност, ваквата нацрт директива е обид на Европската комисија да одговори на напорите на државните актери надвор од ЕУ да ја поткопаат демократијата во Европа. Особено се чини оправдана ваквата акција на власта ако последните истражувања сугерираат дека невладините организации не обезбедуваат подобро насочена, или поефикасна помош од државните развојни агенции.

Секако дека истрагата за тоа како се трошени парите на американскит даночни обврзници преку програмите на УСАИД низ светот, а посебно во Македонија, ќе ја дадат вистинската слика за делувањето на невладиниот сектор во преломните моменти на градењето македонска држава. Ова е добра можност да се разголи нивната улога како вистински граѓански сектор посветен на демократизација на македонското општество, или ќе ги маркира како марионети на странско мешање во внатрешните работи на државата. Дотогаш менталните слуги од т.н. граѓанскиот сектор нека поседат дома да не одморат од нивниот активизам. Секако дека во вакви моменти некои загрижени прашуваат: дали невладините организации можат да го преживеат ова? Тоа е погрешно прашање, кое се потпира на погрешни претпоставки. Каде пишува дека невладиниот сектор во сегашната форма го претставува единственото можно и истовремено најдоброто можно граѓанско општество во оваа, или некоја друга земја? Секако не, затоа е нужно негово менување зашто вакво какво што е во моментов, за никаде е.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес