Најголемите по приход медицински лаборатории минатата година ги намалиле профитите, но ги зголемиле платите – покажува анализата на податоците на „Пари“ во соработка со платформата БизнисМрежа.мк. Податоците покажуваат и голема разлика во платите, иако станува збор за иста дејност, па тие лани се движеле од 24.232 денари до 49.418 денари.
Анализата на платите ги опфаќа петте најприходни лаборатории: Авицена, Биотек, Синлаб, Никоб лаб, и Рамус.
Најголемата просечна нето-плата ја давала Синлаб и таа лани изнесувала 49.418 денари, што е за околу 4.000 денари повеќе од просекот во 2021 година, иако минатата година имала загуба од 11.500 евра. Сепак, претходната година била во добивка од 920.000 евра.
Втора по најголема просечна нето-плата е Авицена. Таму просекот е 37.193 денари, што е нагорно поместување од речиси 600 денари во однос на претходната година, при значајно стопување на добивката, од 2,8 милиони евра во 2021 година на 600.000 евра во 2022 година. И покрај тоа, оваа лабораторија е на прво место по профитабилност.
Најголем скок на плата за една година има во Рамус. Таму просечната нето-плата се зголемила за 11.103 денари – од 18.758 денари во 2021 година на 29.861 денари во 2022 година. Но, Рамус минатата година била во минус од 250.000 евра, а овој минус не го покрива ни добивката од претходната, сѐ уште пандемиска година, кога биле во плус од 58.600 евра.
Биотек имала раст на просекот од неполни 800 денари, и лани просечната нето-плата во лабораторијата била 29.263 денари. Со 339.000 евра добивка, лани Биотек беше втора најпрофитна лабораторија.
Иако Никоб лаб е втора лабораторија по скок на плати минатата година – од 14.927 денари во 2021 година на 24.232 денари во 2022 година – просекот во оваа лабораторија е најнизок. Никоб лаб лани имала добивка од 208.000 евра, додека претходната година прокнижила плус од 1,4 милиони евра. Но, да потсетиме, како што веќе пишуваше Пари во анализата за добивките и приходите на лабораториите, Никоб лаб и Рамус се презадолжени.
Медицински сестри и лаборанти остануваат многу барани занимања. Но, пoдатоците откриваат дека само Синлаб и Авицена дале просечни плати над републичкиот просек. Минатата година, пак, просечната нето-плата во државата, според Државниот завод за статистика, била 31.859 денари.
Во петте лаборатории минатата година имало 381 вработен, што е незначително намалување во однос на пандемиската 2021 година, кога работеле 385 луѓе. Сепак, раст на вработени има во Авицена (само еден повеќе), Синлаб со 4 нови вработувања, и Рамус со значително зајакнување на кадарот – од 28 вработени во 2021 година на 42 вработени во 2022 година. Биотек има мало намалување на кадарот, а во Никоб лаб позначајно.
Најмногу вработени има Авицена – 112, и добрата вест е што токму таа е една од двете компании во кои има просечна плата над републичкиот просек.