![LP/ Olivier Arandel](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/01/7V4LUNL4VJBO7EBLXULQJI64BY.jpg?resize=696%2C435&ssl=1)
Фудбалерите на Пари Сен Жермен (ПСЖ) по 12-ти пат во историјата станаа победници на Суперкупот на Франција, откако го совладаа Тулуз со 2:0 на парискиот стадион „Паркот на принцовите“.
Кореецот Ли Канг-Ин го постигна водечкиот гол за тимот на Луис Енрике во 3. минута од натпреварот, а Килијан Мбапе во 44. минута ги постави конечните 2:0.
Актуелниот француски шампион по десетти пат го освои овој трофеј во последните 11 изданија, а единствена екипа која успеа да го освои Суперкупот од 2013 година беше Лил, кој во 2021 година го совлада ПСЖ со 1:0.
Ова е само вторпат од 2008 година мечот да се игра на француски терен, иако првично требаше да се одигра во август во Бангкок. Сепак, тамошниот организатор го раскина договорот два месеца пред натпреварот.
Во октомври беше најавено дека натпреварот меѓу ПСЖ и Тулуз ќе се игра во Саудиска Арабија или Катар, но во декември раководството на француската лига објави дека сепак ќе се игра на „Паркот на принцовите“ во Париз, каде што Пари Сен Жермен ги игра своите домашни натпревари.
Тулуз, кој минатата сезона го освои Купот на Франција, вторпат играше во Суперкупот, но и вторпат остана без трофеј.
За Луис Енрике ова е прв трофеј на клупата на парискиот тим и прв по 2017 година кога со Барселона го освои Купот на шпанскиот крал.