![Theresa-May-with-Merkel-and-Macron-](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/05/Theresa-May-with-Merkel-and-Macron-.jpg?resize=590%2C350&ssl=1)
Велика Британија, Франција и Германија изразија жалење во вторникот вечерта поради одлуката на САД да се повлечат од меѓународниот договор со Иран за неговата нуклеарна програма, и го повикаа Вашингтон да не презема чекори коишто ќе им го отежнат дејствувањето на другите земји коишто сакат да останат приврзани на договорот од 2015 година, објавија челниците на трите држави.
„Ги повикуваме САД да гарантираат дека структурите на JCPOA (кратенка за договорот) да останат негибнати и да се избегнат акциите со коишто ќе се спречат другите страни потписнички во целосна примена на договорот“, напишаа челниците на Велика Британија, Германија и Франција во заедничката изјава којашто ја објави кабинетот на британската премиерка Терезе Меј.
Во изјавата на Меј, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон се истакнува дека одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп ја примаат „со жалење и загриженост“.
„Нашите влади остануваат приврзани на напорите договорот да се одржи и да ќе работат со сите други страни во договорот така и да биде, вклучително и продолжување на трајните економски придобивки за иранскиот народ кои се поврзани со договорот“, напишаа американските сојузници во Европа.
Макрон на Twitter изрази жалење непосредно по објавата за повлекувањето на САД. „Во прашање е меѓународен режим на борбата против нуклеарното ширење“, додаде во друг твит.
Францускиот претседател, зборувајќи и во името на своите две европски партнерки со кои телефонски разговарал половина час пред Трамп да ја објави одлуката, го ставил на масата својот предлог за преговарање на нов договор со Техеран, кој би требало да ги отстрани причините за наводната американска загриженост.
„Заедно ќе работиме на поголема рамка, која ќе ја покрива нуклеарната активност, периодот по 2025 година, балистичките ракети и стабилноста на Блискиот исток, особено во Сирија, Јемен и Ирак“, напиша францускиот претседател.
Овој предлог Макрон го изнесе во текот на неговата посета на Вашингтон пред две седмици, со него би требало да се овозможи американската одлука да предизвика дипломатска празнина којашто би ја влошила ситуацијата, објасни тогаш.
Целта е да се покрене динамика на нови преговори, за што Трамп во објавата во вторникот остави простор. Сепак, иранскиот претседател Хасан Роухани изјави дека сака да разговара со Европејците, со Русите и Кинезите.