Парламентот на Турција го одобри законот за контролирање на интернетот

Парламентот на Турција ги одобри измените на законот со кој ќе се регулира употребата на интернетот, што им овозможува на властите да ги блокираат интернет страниците поради кршење на приватноста, додека критичарите тврдат дека тој потег ја ограничува слободата на говорот.

Парламентот во кој партијата на премиерот Реџеп Таип Ердоган го има мнозинството, гласаше во корист на измените, што им овозможуваат на телекомуникациските органи да го блокираат пристапот до материјалите, во период од четири часа без судски налог, пренсува „Ројтерс“.

 

Критики поради измената на законот

Измената на законот е во склоп со пакетот закони кои се’ уште мора да бидат усвоени како целина. Кога ќе се усвои, законот ќе биде испратен до претседателот Абдулах Ѓул, на одобрување.

Овие измени наишле на остри критики кај борците за заштита на човекови права, кои стравуваат дека со тоа ќе бидат дополнително загрозени основните права и слободи во Турција.

Од друга страна, официјалните лица во Анкара тврдат дека цел на законот е заштитата на приватноста на граѓаните и блокирање на одредени содржини на интернет.