Серијата на Партизан отиде на четири победи откако „црно-белите“ вечерва во белградската Арена го надиграа европскиот првак Панатинаикос.
Партизан славеше со 91-71 и сега е со биланс 6/8, а пред само две недели на своето конто имаше едвај две победи. Против Панатинаикос ја потврди одличната форма бидејќи особено во второто полувреме не постоеја никакви надежи за грчкиот тим дека може да стигне до триумф.
Последен пат ПАО беше во игра на стартот на второто полувреме кога намали на 39-44. Следуваше серија од 8-0 за до крајот на третиот период Партизан да отиде и на +15 (64-49). Највисоката предност за домашниот тим изнесуваше 21 поен (79-58) по што стана јасно дека Панатинаикос ќе доживее дебакл и ќе го претрпи шестиот пораз сезонава, трет во последните четири натпревари.
Карлик Џонс беше најефикасен со 18 поени, Браун постигна 17, а Тајрик Џонс оствари дабл дабл со 12 поени и 10 скока. Слукас беше прв стрелец на Панатинаикос со 15 поени.