Голем број работници и градежни компании се ангажирани на терен. Тоа, според познавачите дава дополнителен стимул на економијата.
За бизнис заедницата значајна е реализацијата на капиталните инвестиции, изградбата на автопати, локални и регионални патишта, осовременување на железничкиот сообраќај, како и инфраструктурното уредување на слободните економски зони со цел привлекување на нови инвеститори. Тоа пак значи ангажирање на домашните компании, пред се од градежниот сектор што пак повлекува и 25 индустриски гранки што работат со нив, вели Александар Зарков, оперативен директор на Сојуз на стопански комори.
Новите патишта ќе привлечат повеќе инвеститори, а со тоа и отворање на нови работни места, сметаат експертите.
Не може да очекуваме зголемување на странските и на домашните инвестиции и на вработувањата доколку немаме добра инфраструктура и затоа треба да се вложува во патишта, железница, гасификација, водоводи, вели универзитетскиот професор Сашо Кожухаров.
Повеќе пари за патишта следната година
За три пати повеќе пари за инвестиции во капитални проекти се издвоени во буџетот за 2016 година во споредба со 2006 година. Во 2016 година за вкупни капитални инвестиции се издвоени рекордни 37,5 милијарди денари, што е за 27,9 милијарди денари повеќе од 2006 година, кога за инвестиции во овој дел биле издвоени 9,6 милијарди денари, покажуваат официјалните податоци на Министерството за финансии.
Податоците покажуваат неколкукратно зголемување на инвестициите во изградба на патна и железничка инфраструктура.