Држава во која патриотизмот е национализам. Држава која преговара за својата историја. Држава во која борбата за зачувување на нејзиното име се прогласува за тероризам. Држава во која незаконски се прислушува и никој за тоа не одговара. Држава во која кодошите се прогласуваат за жртви на „режимот“ и се компензираат.
Држава во која се прогласува и слави победа на избори со кои се губи државата. Држава во која се пука со калашникови во присуство на полиција. Држава во која сите ја гледаат корупцијата, само не оние што треба да ја гонат. Држава во која демократијата ја испорачуваат починатите и иселените. Држава во која се гласа со брзина на светлината. Држава во која демократијата се мери со брашно и смрдена салама. Држава во која неуспешниот референдум се прогласува за успешен. Држава во која бизнисмените се криминалци, а криминалците политичари. Држава во која царува простотилакот и малограѓанштината. Држава во која борците за корупција се најкорумпирани. Држава во која се испорачува политичка правда. Држава во која се цензурира слободниот говор. Држава во која секоја дрвесина со подземен интелект може да се декларира за политичар. Држава во која Боки 13 е „цар“. Држава во која се лаже и ветува без усул. Држава која ја раководат корумпирани политичари. Држава во која ве псујат затоа што поминувате на пешачки премин. Држава во која се перат автомобили во река. Држава која се гуши во отпад и во која се дише најзагаден воздух. Држава во која не се знаат инвеститорите, а тие градат. Држава во која умираат луѓе, а вие прогласувате успех во борбата со коронавирусот. Држава во која докторите го шират вирусот. Држава во која баш не „заболе“ за пандемијата. Држава во која сам си обезбедувате крв за операција. Држава која е во индуцирана кома, а ние мислиме дека спие. Држава во која….
Не убедуваат дека сме на патот во ЕУ. А ние како држава сме тргнати на патот на својата пропаст. Затоа сме држава без иднина. Велат дека неуспешните држави ги генерираат следниве негативни карактеристики: пораст на криминално и политичко насилство; губење на контролата над нивните граници; етнички, верски, јазични или културни тензии или непријателства; лоша комуникација и транспортна инфраструктура; слаба економија и опаѓање на нивото на БДП по глава на жител; високи нивоа на корупција; слаб здравствен систем со високи нивоа на смртност кај новороденчиња и ниско ниво на животниот век; ограничени можности за образование; и деградирана околина. Ова се си имаме. И повеќе.
Суптилно се обидуваат да не убедат дека не успеавме поради некоја вродена инфериорност на сопствениот народ. Всушност ние не успеавме заради инфериорноста на нашите политички лидери. Нивната алчност ја исцица вредноста а државата, а кормупираноста ја уби есенцијата на нејзиното постоење. И, секако нашата историја. Онаа која веќе не знам која е и чија е. Нашата историја и нејзиното продавање за лажно пријателство и невозвратена љубов го забрза патот од неупехот до можната пропаст на македонската држава. Македонија денес е креација на други. На сите други но не на сопствениот народ. Ние сме експеримент кој трае триесет години. Секогаш мислев дека ќе потрае подолго. Не претпоставив дека резултатите од тој експеримент ќе ни бидат испорачани денес. А зашто да не. Со вакви лидери брзо се оплоди теренот на која растеше Македонија како неуспешна држава. Многу побрзо од очекуваното.
Затоа ќе повторам. Неуспехот на демократскиот експеримент во Македонија не е вина на народот. И никогаш нема да биде. Едноставно не можеше да успее. Затоа што Македонија никогаш не заживеа како граѓанска држава. Неуспесите на државата беа обликувани и раководени од надвор. Нормално во соработка и со помош на внатрешните марионети во политиката. Затоа и денес ни се прокетира привид дека вината за пропаста на државата е на сопствениот народ. Така треба да личи. И никако поинаку. Народот е детергентот за нечистата совест на нашата политика. И странското земешателство.
Крајот на Македонија, нејзиниот неуспех како држава предвидена е уште откако стана независна во 1991. Надворешниот свет не веруваше дека Македонија како независна држава во своето опкружување може да преживее. Не секое племе можеше да има држава. Така зборуваа во деведесетите. И сериозно се потрудија да бидат во право. Не преживее онаа држава од деведесетите. Ова сега е некој супститут на оригиналот. Гротеска од државата што ја посакувавме.
Но, клучно кон патот на пропаста на државата е слабеење на нејзините капацитети да ги исполни своите суверени одговорности и обврски. Оддамна глумевме држава. Веќе не можеме. Секој ден има се повеќе докази дека ништо не функционира во државава како што треба. Сега после изборите гледаме дека сме станале држава што не може да се обнови, туку треба да се ресетира. И дека цврсто и сигурно го гази патот од неуспешна кон пропадната држава.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес