Паушалот за парно ќе се укине од следната грејна сезона

Од следната грејна сезона ќе биде решен проблемот со исклучените граѓани од „БЕГ“ кои плаќаат паушал, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

– Со подзаконски акт ќе најдеме решение да се укине о вој паушал што ќе биде на задоволство на сите страни. Може да се очекува од следната грејна сезона, тие да не плаќаат паушал  – изјави Анѓушев, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на денешниот настан организиран од Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Во однос на законот за енергетика што вчера беше изгласан  на владина седница, вицепремиерот Анѓушев рече дека во него се вградени голем број од забелешките од економските оператори кои работат во делот на енергетиката, како и од Европската енергетска заедница.  Според него  Македонија требаше да го донесе законот во 2014 година и беше критикувана од ЕУ.

– Моравме да ги усогласиме локалните потреби кои се специфични, но воедно да ги имплементираме и директивите и мерките од третиот пакет на Европската унија. Затоа работевме со Европската енергетска заедница  – рече Анѓушев.

Тој е задоволен од предложеното законско решение кое, како што рече, ќе направи прогрес во енергетското работење во Македонија.