Пазете ќе удрам во возот! Крв и повици за помош! Сведочења на патници од автобусот учесник во железничката несреќа

Сега сум психички добро, но страшната глетка се уште ми е пред очи. Вака младиот струмичанец Димитар Гоцевски за duma.mk го опиша она што му се случило утрово возејќи се во автобус од Струмица кон Скопје. Тој е еден од они кои поминаа со полесни повреди во страшната сообраќајка во која воз удри во автобус полн со патници.

„Најбитно е што нема жртви, но не можам да опишам каков беше моментот. Имаше многу крв и многу повредени, многу жално. Стари луѓе беше полн автобусот и студенти.Ова не може да се опише. Вадевме луѓе имаше потрупано под земја, јас бев до една жена, ја извадив надвор,“рече Димитар Гоцевски, патник од автобусот.

Утрово на пругата кај селото Сарамзалино, патнички воз кој сообраќал од Кочани кон Скопје удри во автобус полн со патници на фирмата Струмица Експрес. Глетката на местото на несреќата беше стравична. Само неколкумина патници кои останаа таму сведочеа за она што се случувало утрото.

„Спиев, ме разбуди врисок. Пазете, пазете. Ќе удрам во возот. Се разбудив од викотниците. Се слушна тресок. Страшно беше, сите луѓе беа еден врз друг имаше многу и врз мене. Излегов надвор и почнав да помагам во вадењето,“ рече Димитар Пандев, патник од автобусот.

На местото на несреќата и по еден час оддекнуваше звукот на железничката сигнализација. Според очевидци возило ја преминало пругата и покрај сигнализацијата и спуштената рампа, по што и автобусот забрзал и се обидел да ја премине. Но, ова било фатално за него. Според директорот на Македонки железници-Транспорт избегната е голема катастрофа.

„Присебноста на наите вработени довело да се избегне поголема катастрофа. Можам да констатирам дека сигналните уреди се исправни а рампите биле спуштени. Ние како претпријатие работиме на безбедноста на премините со сигнализација, рампи и намалување на брзината на возење, но не можеме да влијаеме на другата страна која е учесник во сообраќајот, рече Оливер Дерковски, директор на МЖ Транспорт.

Увид на местото на несреќата извршија јавен обвинител од Свети Николе и полициски инспектори. Патниците од возот со автобуси беа префрлени до Велес и Скопје. Повредените од автобусот се префрлени во велешката и штипската болница. Попладнево министерот за транспрт и врски ќе го посети местото на несреќата а министерот за здравство повредените во велешката болница.

извор: duma.mk