Пецас: Ослободувањето на Корконеас е поврзано со политичките одлуки на СИРИЗА

16

Можноста полицаецот Корконеас, кој во 2008 година уби 15-годишно момче наскоро да биде пуштен на слобода, според портпаролот на грчката Влада е поврзано со одлуките на претходната влада.

Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, прашан за конкретниот случај рече дека владата не ги коментира судските одлуки, но објасни дека е поврзано со промените во Кривичниот законик донесени од СИРИЗА, јави дописничката на МИА од Атина.

-Причините што водат до пуштање на слобода на Корконеас се две и се однесуваат на новиот Кривичен законик што СИРИЗА сама и со брзање го изгласа кусо пред националните избори. Првата, е промени во условите за признавање олеснувачки околности за претходен чесен живот, што го отвора патот тоа да се искористи дури и од грозоморни криминалци. Втората е, промена на највисоката граница на казната што може да му се одреди по признавањето на олеснувачките околности што веќе се ограничува од 20 на 15 години, рече Пецас.

Портпаролот на грчката Влада објасни дека новиот Кривичен законик е во правилна насока, со исклучок на одрдени одредби кои владата ги разгледува и ќе се променат за во иднина да не постојат слични случаи.

Мешовитиот Апелациски суд во грчкиот град Ламија, на полицаецот Епаминондас Корконеас, кој на 6 декеври 2008 смртно го застрела тогаш 15-годишниот Алексис Григоропулос, му одреди 13 години казна затвор за „убиство со предумисла”, додека, пак, второбвинетиот беше ослободен.

Првостепено, Корконеас доби доживотна затворска казна, а неговиот колега 10-годишна, казни кои второстепено беа променети, земајќи ги предвид олеснувачките околности предвидени во новиот Кривичен законик.

Според адвокатот на поранешниот полицаец Корконеас, по пресудата, веднаш ќе почне процедурата за ослободување, нешто што би можело да се случи веќе следниот месец.

Со пресудата, завршува судскиот процес што траеше 11 години, а Корконеас веќе 11 години е во затвор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.