Градските власти на Пекинг воведоа 14-дневен каранти за сите коишто се враќаат во главниот град од денешниот ден, особено по завршувањето на празниците за кинеската лунарна Нова година, пренесува во петокот кинеската државна телевизија.
„Почнувајќи од денеска, сите кои се враќаат во Пекинг се должни да бидат под надзор во текот на следните 14 дена, дома или во институција. Оние коишто ќе одбијат да бидат ставени под медицински надзор, како и другите превентивни и контролни мерки, ќе одговоараат според законот“, се наведува во објавата на телевизијата на кинеската социјална мрежа Weibo.
Кинеските власти на 31-ви декември 2019 година потврдија во Светската здравствена организација за масовна појава на пневмонија во градот Вухан, во централната покраина Хубеи, предизвикана од новиот сој коронавирус.
Бројот на заразени според последните податоци за четвртокот со новиот сој коронавирус кој го доби официјалниот назив COVID-2019, надмина 63.800 лица, од кои починале 1.380 луѓе.
Покрај тоа, кинеските власти во петокот соопштија дека до 11-ти февраури заболувањето било дијагностицирано кај 1.716 медицински работници, од кои шест починале. Над 87 отсто од нив се заразени во епицентарот на ширењето на вирусот, во покраината Хубеи, каде се потврдени инфекции кај медицинскиот персонал во 1.502 случаи. Од нив, пак, 1.102 случаи се регистрирани во административниот центар Вухан.
Заменикот на Државната здравствена комисија, Чен Исин, предупреди дека бројката заболени меѓу медицинскиот персонал расте.