![636610691449443949-USATSI-10819864](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/05/636610691449443949-USATSI-10819864.jpg?resize=360%2C480&ssl=1)
Актуелниот шампион во НБА лигата, „Голден Стејт“ загуби на гостувањето во Њу Орлеанс каде домашните „Пеликанс“ со триумфот од 119:100 го намали водството на „Вориорси“ во серијата на 2:1. Во вториот меч ноќеска, исто така во полуфиналето на Западната конференција, „Хјустон“ напправи брејк во Солт Лејк и поведе во серијата против „Јута“ со 2:1.
„Пеликанс“ успеаја да го изненадат фаворитот откако гостите имаа лош шутерски ден со 38 отсто успешност, што на крајот ги чинеше пораз. Ентони Дејвис кај домаќините постигна 33 поени и 18 скока, а притоа имаше и 4 украдени топки. Тој доби одлична поддршка од Џру Холидеј, кој постигна 21 поен, а Ражон Рондо го заврши мечот со 21 асистенција. Во вториот натпревар по неговото враќање по повредата, капитенот на „Голден Стејт“, Стеф Кари постигна 19 поени од 19 шута кон противничкиот кош. Кевин Дурент запиша 22 поени, додека најефикасен во составот беше Клеј Томпсон со 26 поени.
Во вториот натпревар од вечерта тимот на „Хјустон Рокетс“ ја врати изгубената предност од домашниот терен, откако ја декласираа Јута 113:92. Победникот беше решен уште на полувремето кога тимот предводен од Мајк Д’Антони имаше предност од 70:40.
Најдобри кај победникот беа Џејмс Харден со 25 поени и 12 асисенции,како и Ерик Гордон со исто така 25 поени, додека кај „Јута“ потфрли најдобриот кошаркар, Донован Мичел со постигнати само 10 поени, па најефикасни кај домаќинот беа Ројс О’Нил со 16 и Тревор Букс со 14 поени.