Пендаровски: Безбедносната состојба стабилна, следува период кој може да е турбулентен

„Безбедносната состојба во земјава е стабилна. Нема никакви индикатори ниту внатре во нашите граници, ниту надвор од границите во блискиот и поширокиот регион дека таа би можела битно суштински да се влоши до ниво да го загрози интегритетот и суверенитетот на Република Северна Македонија. Сепак треба да се има предвид дека следува период што може да биде турбулентен поради очекуваното членство на земјава во НАТО, но и можното отворање на преговорите со ЕУ.“
Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски вечерва на прес-конференцијата по завршувањето на првата конститутивна седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, на која претставници од надлежните служби и надлежните министерства реферирале за безбедносната состојба во земјата и во регионот со импакт на внатрешната безбеносна динамика.
-Заклучок беше дека Република Северна Македонија во наредните 40 до 50 дена влегува во еден период кој може да биде турбулентен и од политички и од безбедносен аспект, затоа што во наредниот период очекуваме завршување на неколку битни ратификации во однос на нашето НАТО членство и во средината на следниот месец очекуваме одлука на Европскиот Совет за отворање на пристапните преговори со Европската Унија, рече Пендаровски.