Пендаровски до петок ќе го додели мандатот за составување на новата влада

Претседателот Стево Пендаровски изјави дека до петок ќе го додели мандатот за составување на новата влада, независно од ставот на претседавачот и поранешниот претседател на парламентот Талат Џафери дека тоа нема да биде уставно.

Шефот на државата во четврток напладне ќе го додели мандатот за составување влада, откриваат, пак, извори за Сител. Одлуката на Пендаровски тоа да го направи ден пред истекот на рокот може да се толкува дека веќе е постигнат начелен договор за владина коалиција и парламентарно мнозинство од 61 пратеник.

Пендаровски како што соопштуваат во средата од неговиот кабиент, се консултирал со експерти и заклучил дека парламентот е конституиран уште на 4-ти август и дека тече уставниот рок од 10 дена за доделување на мандатот.

Спротивно на ова Џафери, како претседавач, не го известил шефот на државата дека парламентот е конституиран бидејки конститутивната седница не е затворена и не е направен избор на претседател на Собранието. Според Џафери тоа било клучно, бидејќи повратното известување на Пендаровски дека доделил мандат треба да го достави до собранискиот спикер, а тој не бил избран.

Без да прецизираат на кого ќе го испратат известувањето дека мандатот е доделен, од кабиентот на Пендаровски коментираат:

„Претседателот се консултираше со еминентни правни имиња и заклучокот беше јасен: За да се смета дека Собранието е конституирано, потребна е верификација на мандатите на пратениците, а не нечиј избор. Претседателот Пендаровски, иако ги разбира мотивите на претседавачот Џафери, останува на неговиот став кој впрочем го потврдува и политичката практика во сите изминати години кога на власт биле различни политички опции.“

За Кабинетот на Пендаровски нема дилеми дека Собранието е конституирано и оти течат десетте дена за доделување мандат за Влада, меѓутоа, собранискиот спикер Талат Џафери не мисли така и тој нема намера да го информира шефот на државата дека Собранието е конституирано бидејќи според него тоа не е случај. Џафери предупредува дека е можна уставна криза во државата.

„Неуставно е доделување мандат без да има претседател на Собрание кој ќе ги стави во функција другите рокови кои треба да ги следи Собранието, бидејќи на законодавниот дом роковите му започнуваат од моментот кога ќе го добие известувањето од шефот на државата дека мандатот е доверен. Неовластен човек не може да ги информира пратениците“, истакна Џафери за „ТВ 21“.