Пендаровски: Власта и опозицијата да се договорат и да излезат во пресрет на барањата на студентите

Претседателот Стево Пендаровски смета дека имаат основа барањата на студентите кои неделава преку протест и марш побараа подобрување на стандардот. Ги повикува и власта и опозицијата да излезат во пресрет на нивните барања.

– Ова што го гледам, еден од предводниците на последните протести имаше коректна реченица – не би сакале да видиме политичари меѓу нас. Најдобриот начин да убиеш еден протест е да го обоиш политички или партиски. Во одредени случаи сме имало во Македонија порано и етнички и да го дисквалификуваш по таа основа. Во овој момент мислам дека треба и власта и опозицијата да се најдат, гледаме дека и двете страни имаат предлози како да излезат во пресрет на последната серија барања на студентите. Најдобро е тоа да го договорат во Парламентот и да не дозволат луѓе да мрзнат и да шетаат по улици и да се бунат, рече вечерва Пендаровски во гостување на ТВ 24.

И да се 100-проценти организирани од која било политичка партија, посочи Пендаровски, мене ме интересира какви барања имаат и дали има основа нивното барање. – Од она што го гледам и слушам има. Дајте да го адресираме тоа и да не се срамиме да немаат греење или не знам каква храна по студентските домови во 2022 година, порача претседателот.