Пендаровски: Очекувам безбедна и кампања со висока политичка култура

На првиот ден од предизборната кампања за предвремените парламентарни избори, претседателот Стево Пендаровски порача дека очекува овие избори во време на пандемија да бидат безбедни од здравствен аспект и побара од граѓаните да ги почитуваат протоколите за заштита, а порачува и дека очекува сите политички партии да водат достоинствена кампања.

„Драги сограѓани, постапувајте според  протоколите за безбедност и заштита при одвивањето на севкупниот процес на избори. При гласањето бидете заштитени, почитувајќи ги мерките, протоколите и држете пропишано растојание. Апелирам до сите учесници во изборниот процес да придонесат овие избори да бидат фер, слободни и демократски, како што и се обврзаа со потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори. Очекувам сите политички партии да организираат кампања во која учеството ќе биде  безбедно за сите, и за кандидатите и за граѓаните. Очекувам од сите политички партии достоинствена кампања, со високо ниво на политичка култура, без дискредитации. Очекувам инклузивна кампања во која ќе учествуваат сите маргинализирани групи и малцинства, во која ќе биде застапуван и нивниот интерес“, истакнува Пендаровски.

Тој потенцира дека ова се први избори на земјата како членка на НАТО и во очекување на почетокот на пристапните преговори со ЕУ и затоа мора да бидат спроведени според високи стандарди и критериуми.

Од институциите кои се најповикани за спроведување на изборниот процес, пак, очекува професионално постапување во согласност со принципите на отвореност, еднаквост и непристрасност.

„Слободата на изразување е клучна за да имаме кредибилен изборен процес и граѓаните да добијат релевантни, навремени и вистинити информации со цел самостојно да донесат одлука кому ќе го дадат својот глас. Во услови кога имаме избори без поголеми собири и теренски активности, медиумите имаат уште позначајна улога и затоа е потребно непристрасно и професионално да ја информираат јавноста. Социјалните медиуми ќе бидат значајна алатка во изборната кампања, честопати и како извор на потпалувачки говор и лажни вести кои го поткопуваат демократскиот развој на отворените општества. Апелирам до граѓаните да бидат внимателни и редовно да ги проверуваат информациите кои се пласираат на социјалните медиуми од непознати извори“, вели Пендаровски.

Тој на крајот посака успешни и фер избори, а граѓаните ги повика да излезат да гласаат по свое лично убедување без страв и притисоци.