Пендаровски продолжува да шири лажни вести со кои се обидува да се спаси од катастрофалниот пораз, лично потпишав десетици решенија за Албанци во АР, изјави Чулев

„Пендаровски продолжува да шири лажни вести, лично имам потпишано десетици решенија за колеги Албанци во Агенцијата за разузнавање, ова преку статус на Фејсбук го објави поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.

„Претседателот Стево Пендаровски во негов стил продолжува да шири лажни вести, манипулирајќи ја јавноста во очајнички обид да се спаси од катастрофалниот пораз, изјавувајќи дека додека не дошол тој “пред десет или 15 години Албанците во Агенцијата за разузнавање само го уредувале дворот”.

На овој начин директно ги омаловажува и навредува сите колеги Албанци, кои имале многу одговорни и сензитивни работни позиции, а со кои заеднички сме работеле за безбедноста на граѓаните на Македонија. Такви во Агенцијата за разузнавање имало многу.

Токму, еден од доајените на македонското разузнавање, Шејнаси Мемети, кој уште од самото основање на Агенцијата за разузнавање беше на раководна позиција, пред точно 21 година, во 2003 година, беше именуван за заменик директор за разузнавање, а со тоа не бил градинар во Агенцијата пред да се појави Стево. Исто така, и почитуваниот колега Мухамед Исмаили кој во периодот 2003-2015 успешно ја објавуваше функцијата заменик директор, а потоа беше и на друга раководна функција во Агенцијата немал во описот на работното место уредување на дворот на Агенцијата.

Исто така, сегашниот директор на АР, Еролд Муслиу, речиси цел работен век во Агенцијата го поминал на високи раководни функции, а во време на претседателот Иванов, беше назначен за помошник на директорот за координација на оперативните работи.

Јас лично имам потпишано решенија за десетици колеги Албанци на раководни позиции и за претставници на Агенцијата во странство. По којзнае кој пат, Стево со лажни вести ја манипулира јавноста или пак неговиот директор, како по обичај лажно го информирал. Во секој случај ова е големо омаловажување на трудот и придонесот на колегите Албанци кои по цена на безбедносен ризик по животот биле на браникот на државата.

За оваа лажна теза, ќе мора Пендаровски да се демантира сам или да престане да верува на лагите на директорот на АР. Воедно, тој треба јавно да се извини за искажаните невистини на сите припадници на АР од албанска националност кои се грижеа за безбедноста на државата и унапредуваа во кариерата пред да се појави Стево како претседател. По 8- ми мај Пендаровски ќе има можност да уредува градини како пензиониран претседател.

Нека го праша Еролд Муслиу дали како градинар бил на средбава со тогашниот претседател Иванов на состанок во АР или како помошник на генералниот директор пред повеќе од 10 години, стои во неговиот пост на Фејсбук.