Пендаровски за протерувањето на рускиот дипломат: Случајот е документиран, не е импровизација

Одговарајќи на новинарско прашање, претседателот Стево Пендаровски изјави дека е запознаен со одлуката на Министерството за надворешни работи еден дипломат на Амбасадата на Руската Федерација да биде прогласен за персона нон грата во Македонија.

– Информиран сум, од тоа што го видов, случајот беше документиран од надлежните институции, не стануваше збор за импровизација – рече Пендаровски за протерувањето на рускиот дипломат.

Тој истакна дека рокот од седум дена за дипломатот да ја напушти земјата му бил даден од човечки аспект.

– Се водеше сметка и од човечкиот аспект, не само за дипломатската конвенција, да не биде тоа преку ноќ. Тие луѓе имаат и семејства и други интереси и нехумано е да постапуваме на таков начин – додаде Пендаровски.

Како што денеска информира Министерството за надворешни работи, согласно член 9 од виенската конвенција за дипломатски односи, еден дипломат на Амбасадата на Руската Федерација е прогласен за непожелна личност во Македонија.

На 14 мај во просториите на министерството бил повикан амбасадорот на Руската федерација, при што му била врачена нота со која се наложува дипломатот да ја напушти територијата на Македонија во рок од седум дена.