Владата предводена од СДСМ донесе скандалозна одлука за утврдување на статус на стратешки инвестициски проект односно фабрика за согорување на отпад во Општина Неготино и покрај тоа што пред неполни две години граѓаните јасно го кажаа својот став против овој тип на инвестиција во срцето на Тиквешијата, изјави денеска Златко Пенков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
Пенков притоа порача дека ставот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ по повод ова прашање е јасен.
„Нема да се дозволи остварување профит на сметка на здравјето на граѓаните, но и на животната средина и лозарството кое е витална гранка во општината. Повеќе од очигледно е дека жителите на Општина Неготино живеат под закана од загрозување на нивниот живот, како и загрозување на целиот растителен и животински свет. Оваа закана произлегува од катастрофата наречена СДСМ, која помеѓу здравјето на сопствените граѓани и профитот, одбра да му робува на профитот и сомнителните зделки. Наместо да разговараме за инвестиции, нови работни места, решавање на секојдневните проблеми на граѓаните, постојано се повторуваат зборовите ѓубре, отпад, депонија, фабрика за преработка на комунален отпад“, рече Пенков.
Потсети дека пред година и половина „силно и недвосмислено“ пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги поддржав граѓаните во напорите да се спречи отварање депонија во општина Неготино, но оти сега на површина испливуваат активностите да се спречи референдумот по ова прашање.
„Меѓутоа, сега јасно се гледа зошто некој со сите сили, сепак, се трудеше да нема Референдум по прашањето против депонии и слични загадувачи. Сега на сите им е јасно зошто и покрај собраните потписи, не се дозволи Референдумот во Неготино, за да можат разни квази експерти да зададат удар врз општината, притоа неводејќи сметка за ништо друго освен како да се оствари профит“, рече Пенков.
Од името на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ им порача на граѓаните на општина Неготино и на целиот Тиквешки регион дека ќе ги поддржат и нема да дозволат овој регион да биде познат по отпад, ѓубре и депонии наместо по виновата лоза, убавото и квалитетно вино и ракија и чиста и здрава средина за живеење.
„Ќе ги разгледаме сите опции со граѓаните коишто ни стојат на располагаме и заедно ќе се бориме против оваа закана која што го загрозува здравјето на сите нас и влијае штетно врз лозарството како приоритет и претставуваат опасност за целиот жив свет во Општина Неготино и Тиквешијата“, додаде Пенков.