Пентагон соопшти дека воспоставил директна линија за комуникација со руското министерство за одбрана со цел да се спречат разни конфликти и инциденти, пренесе во четвртокот вечерта агенцијата Reuters повикувајќи се на висок претставник на американското министерство за одбрана.
„Министерството за одбрана од 1-ви март воспостави линија за решавање на конфликтните ситуации со руското министерство за одбрана, со цел да се спречат погрешни пресметки, воени инциденти и ескалација на тензиите“, потврдил за агенцијата портпаролот на Пентагон.
Прехтодно портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, на редовниот брифинг со новинарите порача дека САД нема да воспоставуваат зона на забранети летови над Украина, бидејќи тоа претставува ризик за директна војна со Русија, она што Вашингтон сака да го избегне.
„Причината зошто претседателот (Џо Бајден) не е подготвен да преземе таков (чекор) е тоа што зоната за забранети летови бара таа да биде воспоставена во практиката. Тоа ќе бара од американската војска фактички да соборува руски авиони, што потенцијално ќе предизвика директна војна со Русија. А токму тоа сакаме да го избегнеме“, рече Псаки.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски претходно во четвртокот повоторно го повика Западот да прогласи зона за забрана на летови над Украина, стратегија што ја употреби НАТО во Либија во уривањето на Моемер ел-Гадафи. И претходно високи американски и европски функционери предупредија дека таквиот чекор е премногу опасен, бидејќи може да предизвика директен конфликт со Русија.
„Ако немате сили да го затворите небото, дајте ни тогаш авиони“, порача Зеленски.
Американската администрација не може со сигурност да каже дали е можна средба меѓу американскиот претседател Џо Бајден и неговиот руски колега по должност Владимир Путин во време кога руските сили напаѓаат во Украина, а во моментов не постојат планови за контакти, претходно во четвртокот изјави на редовниот брифинг портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.
„Не можам да дадат такви оцени, сега тие (Русија) напаѓаат независна држава и секој ден ја продолжуваат ескалацијата. Никогаш нема да ја исклучиме можноста за дипломатска работа. Но сега не е вистинското време за тоа“, рекла Псаки.
„Одржуваме внатрешни консултации за тоа кои чекори е најдобро да бидат преземени за да се деескалира овој ужасен конфликт (…) Сега не е вистинското време, не планираме средба, интеракција или контакти. Претседателот тоа јасно го кажа. Ќе продолжиме со внатрешните консултации“, додала портпаролката на Белата куќа.