Пентагон во четвртокот предупреди дека руската војска, и покрај наводниот успех на украинските сили во Харков, успева да ја зацврсти својата контрола над источната доминатно руска и рускојазична област Донбас, што значи дека војната би можела да трае уште долго.
„Руските сили и натаму имаат проблем поради разединетоста, слабиот морал и логистика“, тврдел за западните медиуми неименуван претставник на американското министерство за одбрана, но не ги потврдил наводните смени во руската команда за којашто тврди Лондон, во редовниот брифинг кој повеќе се смета за пропагандна војна отколку за изнсесување конкретни и проверливи информации.
„Меѓутоа, и натаму ќе бидеме многу претпазливи во предвидувањата“, додал американскиот функционер.
„Крајно сме решителни да сториме сѐ за да им помогнеме на Украинците да се одбранат, па и обучувајќи ги за употреба на опремата која им ја испраќаме“, рекол тој висок функционер кој сакал да остане анонимен, пренесува AFP.
„Тие (Украинците) многу добро се држат на боиштето, немаат проблем со единството, немаат проблем во командувањето, нивната логистика и снабдување навистина се историски. Но Русите сѐ уште на располагање имаат капацитети кои од есента ги трупаат“ на границата со Украина, истакнал американскиот функционер.
Додал дека „борбената подготвеност не е доволна за победа во војна; потребно е да се има жар за борба и добра команда…, но и покрај сѐ мислиме дека судирот ќе потрае“.
Руската војска по првичните продирања и повлекувања од правците кон главниот град Киев и западот на Украина, потоа се концентрираше на целосно освојување на административните граници на самопрогласените „народни републики“ во Доњецк и Луганск, а го зазема по долги борби стратешки важниот пристанишен град Мариупол со што го поврза коридорот кон црноморскиот полуостров Крим, а командата оцени дека првата задача од „специјалната воена операција“ е исполнета.