Пентагон: САД подготвени да одговорат на заканите од Пјонгјанг со голема воена сила

© AP Photo / Jacquelyn Martin

Соединетите држави се подготвени да одговорат на можните закани од Северна Кореја, вклучително и кон американските сојузници, со голема употреба на воена сила, предупреди во неделата американскиот министер за одбрана Џејмс Матис во една од многуте реакции во светот на најновата севернокорејска нуклеарна проба.

„На секоја закана за САД и нејзините територии, вклучително и Гуам, или за нивните сојузници, ќе биде даден масивен воен одговор, како ефективен така и уништувачки“, изјави американскиот секретар за одбрана Џејм Матис по излегувањето од Белата куќа по завршувањето на вонредниот состанок на американскиот воен врв кој го свика претседателот Доналд Трамп, посветен на разгледувањето на варијантите за натамошните активности во врска со последниот нуклеарен тест од страна на Пјонгјанг.

Според Матис, севернокорејскиот челник „Ким Џонг-ун треба да го слушне едногласниот Совет за безбедност при Обединетите нации“. „Сите членки на (СБ при ОН) едногласно се согласија со (оцената) за заканата, којашто ја претставува Северна Кореја. И тие остануваат обединето во посветеноста за денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров“, истакна шефот на Пентагон.

Во тој контекст, Матис го опиша неделниот нуклеарен тест за кој Пјонгјанг објави дека била успешна проба на хидрогенска бомба како „најновата провокација на Корејскиот полуостров“.

Матис увери дека САД не се стремат кон „целосно уништување на Северна Кореја“. „Меѓутоа, како што реков, имам многу опции за дејствување, коишто го овозможуваат тоа“, предупреди американскиот министер за одбрана.

„Имаме многу воени варијанти за акција, и претседателот сакаше да биде информиран за секоја, Јасно дадовме до знаење дека сме способни да се заштитиме себеси и своите сојузници како Јужна Кореја и Јапонија, од какви и да се напади, и нашите сојузнички обврски остануваат нераскинливи“, истакна Матис.