Пензии по нова методологија ќе се исплаќаат од септември

Пензии по нова методологија ќе се исплаќаат од септември годинава, најави премиерот Димитар Ковачевски по средбата со Здружението на пензионери.

Пресметките им покажале дека според овој таканаречен швајцарски модел на крајот на годинава просечната исплатена пензија која сега изнесува околу 16 илјади денари – ќе изнесува 17.300 денари.

До тогаш, пензионерите ќе ги добијат само дополнителните по 1.000 денари за април, мај и јуни, како финансиска помош. Ковачевски вели дека овие пари ќе се исплаќаат директно од Фондот, бидејќи истиот е стабилен.

Пензионерите задоволни од прифатениот предлог пензиите да се пресметуваат по нова методологија, сепак на средбата со Ковачевски – доставиле и други барања.

Според новата методологија – пензиите ќе се усогласуваат секој април и септември, според трошоците на живот и растот на просечната плата. Од невладината Фајнанс Тинк велат дека со реформата се враќа системот за пресметка кој важеше до 2018 година, а прилагодувањето го оценуваат како коректно – проценуваат дека нема да се наруши стабилноста на ПИОМ, а истовремено се обезбедува попристоен живототен стандард за пенизонерите…