„Остануваме на ветувањето дека со следната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пензионерите ќе добијат по 5.000 денари линеарно покачување. Средства ќе се најдат. Буџетот е како сопствениот буџет дома во семејството, ако треба за нешто да се даде допринос, да се интервенира, во тој случај си правиш добар план, заштедуваш и ги насочуваш парите таму каде што треба. Истото станува збор и тука со пензионерите. Со домаќинско работење со буџетот, да нема крадење како што беше досега бидејќи буквално го покрадоа буџетот овие што се на власт, тогаш релокацијата на средствата во делот на зголемување на пензиите може да биде реален и ќе биде реален и остварен после 8 мај“, вели техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, во вчерашното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа.
Тој истакна дека моменталното покачувањето од 5% како што го нарекува власта, е само статистичко порамнување на пензиите и овде политичарите треба да бидат искрени без да ги лажат пензионерите.
„Знаеме дека денеска во Македонија статистички покажува инфлација од 14%, меѓутоа реално гледаме дека е многу многу повеќе и допрва расте. Пред 4-5 дена ги тргнаа замрзнатите цени на производи и веднаш на пазарот и во маркетите цените отидоа тие повторно нагоре. И сега да се навратиме дека 5% е само порамнување и тука треба да бидеме искрени. Што е најважно, пензионерите го знаат тоа. Во комуникација со нив, тие велат дека знаат точно секој еден денар од каде е, зошто им се дава и каде треба да заврши. Уверен сум дека пензионерите ќе добијат покачување, вистинско, а не вакво како досега“, додава Велковски.