Перуанските „вонземски мумии“ потекнуваат од Земјата

Двете „вонземски мумии“, кои мистериозно се појавија на аеродромот во перуанскиот главен град Лима ланскиот октомври, во целост имаа потекло од Земјата, според научната анализа објавена во петокот.

Стручњаците на конференција за медиумите двата мали примерока ги опишаа како човеколики кукли, веројатно направени до човечки и животински делови. Анализирана била и посебната рака со три прста за којашто се верува дека потекнува од перуанската провинција Назка, а стручњаците исклучуваат секаква поврзаност со вонземски живот.

„Тоа не се вонземјани. Тоа се кукли направени од животински коски од оваа планета, меѓусебно поврзани со современо синтетичко лепило. Станува збор за целосно измислена приказна“, изјави Флавиот Естрада, археолог на перуанскиот институт за правна медицина и форензика.

Двете фигурини, коишто наликуваат на мумифицирани тела облечени во традиционална облека од Андите, се појавија на аеродромот во просторот на компанијата за испораки на пратки DHL во картонска кутија. Некои медиуми потоа нагаѓаа за нивното можно вонземско потекло.

Други две мали мумифицирани тела со издолжени глави и раце со три прста ланскиот септември беа дури предмет на сослушување во мексиканскиот Конгрес. Мексиканскиот новинар и долгогодишен НЛО ентузијаст Хаиме Маусан тврдеше дека станува збор за илјада години стари тела, откриени во 2017 година во Пери, кои не се поврзни со ниеден познат вид.

Повеќето стручњаци подоцна ги отфрлија како измама и рекоа дека веројатно станува збор за осакатени древни човечки мумии, помешани со делови од животински останки, но дека сигурно потекнуваат од Земјата,

Стручњаците на прес-конференцијата којашто во петокот ја организираше перуанското министерство за култура, не рекоа дали куклите пронајдени во просторот на DHL се поврзани со телата во Мексико, за коишто исто така нагласија дека не се вонземски.