Странските инвестиции минатата година изнесуваа 250 милиони евра.
За тоа дали годинава може да се очекува поголем влез на странски капитал и поголема соработка меѓу странските и домашните компании, говореше вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, во дневникот на Алфа.
Владата неодамна организираше средба на домашните бизнисмени со странските компании.
-Средбата беше организирана токму во насока на целосно реализирање на стратегијата за привлекување на странски инвестиции и ефектите што би требало да дојдат од тие странски инвестиции. Лани беа 25 отсто, а годинава ќе бидат над 30 отсто од вкупниот македонски извоз. Нашата стратегија е подолгорочна. Првата фаза е да ги донесете инвеститорите со капитал, тие да ги отворат работните места, најгорливиот проблем е креирање на нови работни места. Следната фаза е зголемување на соработката со домашните компании. Конкурентноста на една држава се мери со конкурентноста на компаниите во државата и нивната способност да извезуваат. Ние имаме малку потешкотии да креираме извоз, но продавањето во зоните е како да извезуваме, бидејќи 99 проценти од зоните завршуваат во извоз. Ако домашните компании успеат да им продадат на овие во зоните бидејќи се тука, за тоа ги донесовме, тогаш ќе се постигне и овој ефект, рече Пешевски.
Тој за Алфа истакна дека во оваа насока, се превземаат голем број крупни чекори.
„Утре имам работна средба со директорите на речиси сите компании во слободните економски зони токму со цел да видиме до каде е стигната реализацијата на овие планови за интензивирање на соработката“, рече тој.
Пешевски истакна дека во првиот квартал на годинава 8 компании веќе најавиле дека ќе инвестираат во Македонија.
„Само од овие најавените, збирно го надминува целосно износот од минатата година. Ако се земе предвид дека кај странски инвестиции се бројат и задржаните добивки на постоечките компании е она што јас го викам комулативен ефект. Кај многу држави, самиот факт дека постои голема база на странски инвестиции, без државата да прави ништо посебно, самото просуство на странски компании си носи нови инвестиции. Ние постепено почнуваме да го гледаме тој ефект. Најмалку три од постоечките инвестиции во Македонија, сами најавија дека дел од своите добавувачи ќе ги донесат овде“, рече Пешевски.