Песков го коментираше повикот од Киев да се нападнат Москва и Петербург

Киевскиот режим е вклучен во организирање терористички напади и не презира од ништо, што ја потврдува исправноста на патот што го избра Русија за да се заштити, истакна во средата портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ги изјавите од Киев да се разгледуваат удари врз големите руски центри.

Претходно шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Михајло Подољак, рече дека во Украина се разгледува можноста за изведување напади врз Москва, Санкт Петербург и Екатеринбург.

„Вчера потсетивме на фактите за вмешаноста на режимот во Киев во организирањето на терористички акти, вклучително и монструозниот терористички напад врз (руската новинарка Дарја) Дугина, која беше убиена во Подмосковје. Очигледно е дека режимот во Киев не се либи од ништо, а тоа уште еднаш ја потврдува исправноста на избраниот пат и исправноста на нашите намери – да се заштитиме од таквите опасности“, рече Песков.

Ден претходно, Песков на дневниот брифинг со новинарите акредитирани во Кремљ, посочи на убиството на Дугина и атентатите кои ги извеле припадници на украинските служби во соработка со западните врз други Руси.

Претходно во вторникот, беше објавено дека украинскиот претседател Володимир Зеленски и директорот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA) Вилијам Барнс разговарале за идејата за атентат врз основачот на руската приватна воена компанија „Вагнер“, претприемачот Евгениј Пригожин кога американскиот функционер го посетил Киев минатата седмица.

Портпаролот на Кремљ во средата рече дека „навистина е алармантно“ кога станува збор за тоа што стрелките на „Часовникот на Судниот ден“ како никогаш претходно во историјата се приближиле до „нуклеарната полноќ“, па повика на претпазливост за да се спречи ризикот од нуклеарна војна.

Часовникот на Судниот ден, кој го изработува научната група Билтенот на атомските научници го основал во 1945 година Алберт Ајнштајн и научниците кои со него соработувале на американскиот проект „Менхентен“ кој ја произведе првата атомска бомба на светот која САД истата година ја фрлија врз јапонските градови Хиришима и Нагасаки, во вторникот го придвижи „времето“ во 2023 година на 90 секунди до нуклеарната катастрофа, или 10 секунди поблиску отколку што беше последните три години.

„Ги придвижуваме стрелките на часовникот нанапред до нуклеарната полноќ, толку блиску како што никогаш досега не биле. Сега остануваат 90 секунди до полноќ“, изјави во вторникот Рејчел Бронсон, шефица на научната групација Билтенот на атомските научници, додавајќи дека таквата одлука ја донеле поради „сѐ поголемата опасност од војната во Украина“, но „не и само поради тоа“.

Но подоцна следејќи ја западната реторика, во медиумите беше објавена наводна изјава дека новите позиции на стрелките на часовникот се поради „слабо прикриената закана на Русија дека ќе употреби нуклеарно оружје“.

„Ситуацијата, во целост, е многу алармантна“, рече Песков за новинарите, апелирајќи на потрезвена процена на тензиите меѓу Западот со Русија околу украинската криза.

Притоа рече дека не е изгледен каков и да е детант поради „линијата којашто ја избра НАТО под водството на САД“.

„Тоа ни ја наметнува должноста да бидеме особено претпазливи и во приправност, и согласно тоа ги преземаме соодветните мерки“, додаде портпаролот на Кремљ.

Најавената но сѐ уште непотврдена одлука на Вашингтон на Украина да ѝ испорача свои модерни тешки офанзивни тенкови „М1 Abrams“ е „лудост“, изјави во средата портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, порачувајќи дека сите тенкови кои САД ќе ги испратат на боиштето ќе „изгорат“.

Неименувани американски функционери ноќта кон средата за агенцијата Reuters. само неколку дена откако Вашингтон беше дециден во противењето за испраќањето на тенковите „М1 Abrams“ и покрај барањата од Киев и притисокот од Берлин, кој исто така се соочуваше да испрати и да одобри испораки на германските тенкови „Leopard 2“ на украинското боиште, рекле дека Вашингтон е подготвен на Украина да ѝ даде десетици такви борбени тенкови.

Функционерите, кои зборувале под услов да останат анонимни, рекле дека таквата одлука би можела официјално да биде објавена веќе подоцна во средата. Додале дека тенковите „М1 Abrams“ би биле испраќани преки фондот познат како Иницијатива за безбедносна помош на Украина (USAI), кој на администрацијата на претседателот Џо Бајден ѝ овозможува да набави оружје наместо да ги користи моменталните залихи на американската војска.

Еден од функционерите рекол дека можно е администрацијата на Бајден ќе го искористи фондот USAI да купи тенковите од сојузниците коишто ги имаат, и да го испрати во Украина. Таквата постапка би можела да потрае меѓу неколку месеци и неколку години.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во средата на редовниот брифинг со новинарите посочи дека потенцијалните испораки на американските „Abrams“, што Пентагон не го потврди официјално, би било „фрлање пари“.

„Сигурен сум дека многу експерти ја разбираат апсурдноста на таа идеја. Планот е во технолошка смисла катастрофален. Но, во прв ред, тој го преценува потенцијалот кој ќе го добие украинската војска. Тие тенкови горат како и сите други“, рече Песков.