Песков: Украинскиот јазик останува државен во „ослободените“ региони на Украина

Украинскиот јазик ќе остане државен јазик на, како што рече портпаролот на Кремљ во четвртокот, „ослободените територии“ во Украина, меѓу другото и затоа што тие области не се во составот на Руската Федерација/

„Можеме недвосмислено да кажеме, се разбира, да. Да. Одговорот е да“, одговорил Песков на новинарски прашање дали украинскиот јазик и натаму ќе биде државен и службен јазик на териториите коишто ги контролираат силите на проруските сепаратисти и руските единиции.

Песков, пренесува агенцијата ТАСС, притоа забележал дека во Русија има еден службен јазик.

„Што се однесува до одредените региони (на Украина), тие моментално не се дел од нашата земја. Сѐ ќе зависи само од волјата на жителите“, рекол портпаролот на Кремљ.

Неодамна рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги обвини украинските власти дојдени по превратот во Киев во 2014 година дека водат „агресивна дерусификација и присилна асимилација“ со забранување на образованието и користење во јавноста на рускиот јазик, како и забрана на руските радио-телевизиски канали и други културни настани.

Тоа всушност беше и еден од изговорите на доминантно руските и рускојазични југоисточни региони на Украина да прогласат самостојност, а населението од црноморскиот полуостров Крим преку референдум да ја врати укинатата автономија и да се врати во составот на Русија од која е издвоен во СССР. Подоцна тоа беше и за војната со силите лојални на Киев во која во изминатите осум години пред руската инвазија од 24-ти февруари, загинаа најмалку 14.000 луѓе на двете страни.

Во 2018 година реагираше и официјална Будимпешта, а особено незадоволство во Унгарија предизвикаа тогаш воведените јазични норми, а тензиите во односите меѓу Унгарија и Украина се појавија две години претходно во заднината на дискусиите за украинскиот закон за образованието, којшто, меѓу другото многу ја намалува можноста за образование на други јазици на националните малцинства. Во законот донесен во 2014 година, беше забрането и користењето на јазиците во регионалните самоуправи.

Во владите на неколку соседни држави, во прв ред Унгарија и Романија, соопштија дека новите прописи ги нарушува правата на националните малцинства во Украина. Русија, исто така, протестираше дека законот за образование е спротивен на украинскиот устав и на меѓународните обврски преземени од владата во Киев.