Песков уште еднаш порача дека Русија не се меша во американските претседателски избори

Кремљ во средата уште еднаш порача дека Русија нема да се меша во ноемвриските претседателски избори во САД и ги отфрли американските заклучоци дека Москва организирала кампањи за да влијае на претседателските избори во САД во 2016 и 2020 година.

Рускиот претседател Владимир Путин упати низа иронични забелешки за изборите во САД, велејќи дека мисли дека демократот Џо Бајден би бил подобар избор за Русија отколку републиканецот Доналд Трамп како следен претседател на земјата.

„Никогаш не сме се мешале во изборите во САД“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во предавањето пред студентите за стереотипите за Русија. „Ниту овојпат не сакаме да се мешаме… Никому не диктираме како да живееме, но не сакаме и другите да ни диктираат како да живееме“, дидаде портпаролот на Кремљ.

Песков рече и дека ќе биде спречен секој обид за мешање од странство на претседателските избори во Русија во март. Русија не се грижи за западните критики кога се во прашање руските избори, чиј победник, доколку не се случи неочекуван пресврт, ќе биде Владимир Путин.

Извештајот од 2019 година на американскиот специјален советник Роберт С. Мјулер покажа дека Русија наводно „се мешала во претседателските избори во 2016 година на систематски начин“, но дека тоа не влиајело врз исходот на изборите, а американските разузнавачки агенции веруваат дека Русија се мешала и во изборите во 2020 година, но до денес не изнесоа докази.

Во 2021 година, Канцеларијата на директорот на националното разузнавање објави извештај во кој се наведува дека Путин наводно одобрил серија потези кои имаат за цел да ја дискредитираат кандидатурата на Бајден, да ја поддржат кандидатурата на Трамп и да ја поткопаат довербата на јавноста.

Минатата година, Соединетите држави објавија проценка на американското разузнавање дека Москва користела шпиони, социјални медиуми и руски државни медиуми за да ја поткопа јавната верба во правичноста на демократските избори ширум светот.

Војната во Украина ја предизвика најдлабоката криза во односите меѓу Русија и Западот по кубанската ракетна криза во 1962 година, а Путин предупреди дека Западот ризикува да предизвика нуклеарна војна доколку испрати војници да се борат во Украина.

Портпаролот на Путин од 2008 година, Дмитриј Песков, рече дека односите со САД веројатно никогаш не биле полоши. Но, тој додаде дека Русија не ги смета Американците за непријатели и дека двете најголеми нуклеарни сили во светот имаат посебна одговорност кога станува збор за гарантирање на глобалната стратешка безбедност.

„Америка се бори против нас“, рече Песков додавајќи дека руските сили во Украина уништуваат американски тенкови и дека американските авиони ќе ја доживеат истата судбина доколку бидат испратени во Украина.

Откако Русија ја започна инвазијата во Украина во февруари 2022 година, Западот ги воведе, како што рече портпаролот на Кремљ, најстрогите санкции досега наметнати на голема светска економија. Нагласи дека санкциите „не ѝ штетат“ на Русија.

Напротив, рече Песков, санкциите резултираа со „внатрешна мобилизација“ на економијата и општеството. Рече и дека економскиот раст на Русија од 3,6 отсто минатата година со кој земјата станала петта економија во светот укажува дека санкциите не успеале.

На прашањето каква е иднината на Русија, Песков одговори дека „нема да биде лесно“, бидејќи „тектонските плочи на геополитиката продолжуваат да се поместуваат“. Нагласи дека Русија ќе остане отворена кон светот.