Пет италијански војници ранети во Ирак

ANSA/Stefan ZAKLIN

Експлозивна направа детонирана во неделата на северот од Ирак во момент кога минувале возила со италијанските специјални сили ранила пет војници, објави италијанското министерство за одбрана.

„Импровизирана експлозивна направа експлодирала при минувањето на италијанските специјални сили во Ирак“, се наведува во соопштението на италијанското министерство за одбрана.

Притоа се додава дека тројца од петмината ранети војници се во тешка состојба, но дека нивните животи не се загрозени. Војниците биле брзо евакуирани со хеликоптери на коалицијата предводена од САД и префрлени во болница.

Неименуван безбедносен извор за AFP рекол дека нападот се случил во Махмур, место јужно од вториот по големина ирачки град Мосул, во провинцијата Нанива.

Министерството појаснува дека италијанските војници „спроведувале активности од обука и тренинг на ирачките безбедносни сили ангажирани во борбата против Исламската држава“. Италијанскиот премиер Џузепе Конте е информиран за инцидентот и „континуирано и со внимание ја следи ситуацијата“, објави владата во соопштение.