Пет кошаркарски ју-легенди номинирани за влез во „Куќата на славните“

Пет југословенски кошаркарски легенди се најдоа меѓу номинираните за место во кошаркарската куќа на славните во Спрингфилд, а на листата се легендарните Душан Дуда Ивковиќ, Ранко Жеравица, Радивое Кораќ (Србија), Јосип Ѓерѓа (Хрватска) и Мирза Делибашиќ.

Кошаркарските великани од овие простори кои оставија огромен белег во играта со портокаловата топка се на списокот за место во куќата на славните заедно со уште низа други големи кошаркарски имиња, од Емануел Џинобили, аргентинската легенда и долгогодишен кошаркар во НБА, а сега претседател на аргентинскиот кошаркарски сојуз, Алфонсо Форд, по кого е крстен трофејот за најдобар стрелец во Евролигата, претседателот на изрелската гордост Шимон Мизрахи, Ден Петерсон…

Ивковиќ е југословенска и српска легенда, човек кој ја водеше последната генерација на СФРЈ, кој има три европски злата (две со СФРЈ и едно со СРЈ), едно светско злато, олимписко сребро, европско сребро (Србија), повеќекратен освојувач на Евролигата, освојувач на сите можни европски трофеи во кошарката.

Жеравица со СФРЈ беше двапати европски вицепрвак, еднаш бронзен и сребрен на Светските првенства, а ја донесе првата светска титула во 1970, освои сребро и злато на ОИ, а е член на куќата на славните на ФИБА од 2007 година. Корач, пак, е првиот европски кошаркар кој дал 100 поени на еден меч, Делибашиќ беше лидер на Босна, првиот тим кој донесе европска титула на овие простори, додека Ѓерѓа беше дел од југословенската генерација во 60-те која прва донесе медали од големите натпреварувања.

Листата на финалисти за влез во куќата на славните ќе биде објавена на 18 февруари за време на ол-старот во НБА во Кливленд, а церемонијата за прием на новите членови во Спрингфилд е закажана за 9 и 10 септември идната година.