Петков – бугарската заедница во Македонија е мост меѓу двете држави, Османи – покажавме дека можеме да ги штитиме нашите интереси инаку ќе имавме решение одамна

Бугарската заедница во Северна Македонија е мостот меѓу двете држави. Ние тој мост треба да го искористиме за да ги заштитиме нивните права, тоа воопшто не е спорно. Истовремено, мора да ни биде јасно дека и за бугарското малцинство во Северна Македонија и за бугарскиот интерес е важно, Северна Македонија еден ден да биде дел од Европската Унија.

Ваква порака упати бугарскиот премиер Кирил Петков, кој заедно со потретседателката Илијана Јотова и шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска вчера во Битола присуствуваа на отворањето на клубот на бугарското здружение „Иван Михајлов”.  

Пред почетокот и за време на самиот настан на отворањето на клубот граѓани на Битола излегоа на протести против отворањето на клубот. Беа присутни голем број полициски екипи кои го обезбедуваа просторот и не дозволуваа лицата кои протестираат да се доближат до клубот.

– Тука сме за да покажеме дека ова прашање не е меѓупартиско, туку национално. Треба да се обединиме, но не само во Бугарија, туку заедно со Бугарите во Северна Македонија. Тие всушност се мостот меѓу двете земји и ние тој мост треба да го искористиме за да ги заштитиме нивните права, тоа воопшто не е спорно. Истовремено, мора да ни биде јасно дека и за бугарското малцинство во Северна Македонија и за бугарскиот интерес е важно, Северна Македонија еден ден да биде дел од Европската Унија, рече Петков на новинарско прашање на отворањето на клубот.

Петков, прашан дали постои документ што е доставен од македонска страна, вели дека се прават напори да се постигне заедничка позиција и во Бугарија и со Северна Македонија.

– Во моментов се трудиме да постигнеме една заедничка позиција, не само во Бугарија, туку заедно со Северна Македонија и таа општа позиција да биде јасна. Ние ги усогласивме рамките кои ги имаме, имаме и коалициски договор и преговарачка рамка и се тоа треба да го почитуваме. Истовремено, она што не обединува е јасното разбирање дека за сите нас е важна европска иднина на Северна Македонија, рече бугарскиот премиер Петков.  

Министерката за надворешни работи Генчовска, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека со бугарскиот премиер имаат иста позиција по прашањето за Северна Македонија.

Во однос на нејзината вчерашна изјава дека во Бугарија има две позиции по прашањето за Северна Македонија, Генчовска појасни дека има позиција на тимот на надворешно-политичките советници на премиерот, додека со премиерот Петков имаат иста позиција.

Прашана дали Бугарија во моментот води две надворешни политики кон Северна Македонија, Генчовска повтори „имаме една политика” и оти бугарското МНР ја води официјалната политика на Бугарија во однос на Северна Македонија, согласно рамковната позиција поддржана во Народното собрание.

Прашана дали се согласува со изјавата на потпретседателката дека „патот на Северна Македонија нема да помине преку надворешен притисок”, Генчовска рече дека „нема како да помине” и дека силно се надева оти „сојузниците ќе покажат разбирање за прашањата кои се уште треба да се решат заеднички со колегите од Северна Македонија”.

За тоа дали е можно тргање на ветото до средина на годината, Генчовска, рече дека „таканареченото тргање на ветото, е всушност очекување колегите од Република Северна Македонија да ги исполнат обврските кои треба да ги направат согласно Договорот”.

Јотова од своја страна истакна дека во Битола дошле за да ги поддржат Бугарите во Република Северна Македонија и да го отворат новиот клуб. Таа нагчаси дека позицијата на Бугарија е непроменета во однос на почетокот на преговорите.

Прашана за разногласијата во бугарската надворешна политика, Јотова рече дека смета оти премиерот ќе преземе мерки советничкиот тим да не прави втора надворешна политика, бидејќи, според неа, тоа би било многу опасно оти Бугарија никој од  европските партнери нема да ја сфаќа сериозно.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, за време на вчерашната куса средба што во Битола ја имаше со бугарскиот премиер Кирил Петков и неговата колешка Генчовска, рече дека ова е комплексно прашање, но оти тие како политичари се должни да испорачаат на граѓаните европска перспектива, притоа штитејќи ги нашите интереси.

– Покажавме дека можеме да го штитиме нашите интереси, инаку ќе имавме решение многу подамна, истакна министерот Османи и додаде дека целта е Европската Унија да се соедини во овие демократски и либерални вредности кон кои сите се стремиме.

Османи и Петков ги потврдија заедничките напори кои земјава ја водат кон Европската Унија.

– Јас сум во комуникација со министерката, а денеска имавме можност да разговараме и со премиерот. Тоа што зборувам јас за документ, всушност е за португалскиот кој што се уште е основа за постигнување на договор што е претставен во различни форми, нон пејпери, текстови, разменети идеи во текот на овој период, меѓутоа сметам дека тој предлог останува во сржта на наоѓање на решение што е прифатливо за двете страни, рече Османи.

Според него, коментарот вчера на бугарското МНР се однесувал на одговорите на т.н. пакет 5+1 којшто уште во Рига минатата година беа предадени, односно, како што вели, претставени па после тоа во февруари имаше нивни коментари по однос на овој текст.

– Меѓутоа, тие прашања се помалку важни. Битно е да продолжи комуникацијата. Очигледно, како што реков, и во Бугарија ова доста предизвикува различни ставови па и во рамки на коалицијата. Нашите позиции се јасни. Ние се движиме во рамки на позициите кои што ги имаме во Парламентот. Сметаме дека предлогот на меѓународната заедница е единствениот официјален предлог на ЕУ претставен преку тогаш португалското претседателство што беше преземено потоа од словенечкото претседателство и понатаму останува тој документ – португалскиот предлог што ние сме го прифатиле и сметаме дека треба да биде основа за решение, рече Османи.

Шефот на дипломатијата оцени дека овие чести средби можат само да ја подобрат таа динамика и покрај сите разлики.

– Очигледно дека имаме разлики. Имаат разлики партиите внатре во Бугарија, имаат и нашите. Не е лесно. Комплексно прашање е, меѓутоа ние сме должни како политичари да испорачаме на граѓаните европска перспектива притоа штитејќи ги нашите интереси. Покажавме дека можеме да го штитиме нашите интреси, инаку ќе имавме решение многу подамна, истакна министерот Османи и додаде дека целта е Европската Унија да се соедини во овие демократски и либерални вредности кон кои сите се стремиме, истакна Османи.

Османи во врска со вчерашнот настан во Битола, рече дека никој од македонската Влада не учествувал во организацијата за отворање на клубот при бугарскиот културен центар „Иван Михајлов”, ниту пак, бил поканет да присуствува на свеченоста.

– Ние не бевме вклучени во тој дел. Тоа беше иницијатива на Амбасадата. Ние учествувавме во делот на презентација на далекуводот Битола – Елбасан кој што е дел од Коридорот 8 и е важен за поврзувањето помеѓу двете држави инфраструктурно, вклучувајќи ја и дистрибуцијата на електрична енергија бидејќи Република Бугарија со ова ќе добие шанса да извезува струја не само во Албанија, туку и во Италија, појасни Османи во изјава за медиумите.

Бугарскиот премиер Петков на кратката средба со Османи ги потврди целите на зачестените средби со македонскиот политички врв.

– Често се среќаваме. Имаме јасни задачи и сега треба да создадеме услови за тие да напредуваат. Сите веруваме и силно сме убедени дека европската иднинина на Северна Македонија е важна за стабилноста на Балканот. Јас верувам во тоа и нашата Влада верува во тоа, и ќе продолжиме оперативно да дејствуваме по задачите кои што си ги зададовме, изјави Петков.

Османи, Петков и Генчовска претходно ја посетија трансформаторската станица Битола 2 на АД МЕПСО, кој енергетски ги поврзува Република Северна Македонија и Република Албанија, и преставува дел од поширокиот инфраструктурен проект за енергетско поврзување, дел од Коридорот 8.

– Оваа инвестиција ќе преставува уште еден капитален енергетски проект, дел од Коридорот 8 , преку кој сите земји ќе имаат бенефит: Република Северна Македонија – да овозможи транзит и дополнителна диверзификаија на снабдувањето со електрична енергија; Република Албанија ќе добие пристап до изворите на енергија во Северна Македонија и Бугарија; додека Република Бугарија ќе добие можност да ја поврзе својата мрежа со најзападните делови на Балканот, и со тоа можност да го понуди вишокот на електрична енергија и на европскиот пазар, истакна Османи.

Тој посочи дека се работи за опипливи и мерливи придобивки, особено во денешните околности, кога енергетското снабдување станува посебно важно геополитичко прашање.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, прашан како го коментира отворањето на бугарскиот културен центар во Битола и посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков, нагласи дека доколку Петков сака да покаже пријателство, тогаш истиот пример од Битола треба да го покаже и  во Благоевград и Сандански и да им овозможи и на Македонци во Бугарија македонски културен центар.

Порака упати и битолскиот градоначалник, истакнувајќи дека добрососедски односи се градат само со меѓусебно почитување и признавање. – Битола е космополитски, конзулски град, во кој посебно се почитуваат културите, традициите и вредностите на сите народи и треба да биде вистински пример за негување на македонскиот идентитет и култура во сите други земји, каде што живеат Македонци. Добрососедските односи се градат само со меѓусебно почитување и признавање, но никако со индиректни провокации и оживување на едно мрачно минато на кое потсетува името на Бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов”, објави на својот Фејсбук профил битолскиот градоначалник Тони Коњановски.

– Тогаш, кога ќе добиеме покана за присуство на отворање на Македонски културен клуб во Бугарија, дури тогаш ќе знаеме дека сме на вистинскиот пат кој значи взаемно почитување и искрено пријателство.
После посетата на денешниот настан во Битола, очекувам, премиерот Кирил Петков, да биде првиот иницијатор кој во Бугарија ќе го покрене прашањето за промоција на македонската култура, еднаквост и поголеми права на македонците кои живеат таму, додава битолскиот градоначалник.